Настанот се одржа во Клубот на пратениците во Скопје и собра претставници од институции, граѓански организации и меѓународни експерти, кои дискутираа за клучните предизвици и можните решенија поврзани со родово заснованата дискриминација, еднаквата плата и заштитата на работниците.
На отворањето, претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ, нагласи дека темата е од суштинско значење и за земјата и за европскиот контекст.
„Настанот се однесува на родово заснованата дискриминација на работното место и тоа се теми кои сметаме дека се исклучително важни за нашата држава, но и за целата Европска Унија. Таа често се манифестира преку разлики во платите, ограничени можности за напредување, сексуално вознемирување, стереотипи или нееднакова распределба на грижата во домаќинството“, појасни тој, додавајќи дека дополнителна вредност на денешниот настан се меѓународните експерти кои имаат волја и желба да објаснат како овие политики се имплементирани во Европската Унија.
Барбара Лигл, раководителка на компонентата 4 од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, истакна дека настанот отвора важен простор за практични решенија.
„Денешниот настан отвора простор за дискусии за тоа како телата за еднаквост можат ефикасно да ги поддржат жртвите чие право на еднаков третман на работното место било повредено. Во 2006 година, Европската Унија донесе законодавство што ги штити мажите и жените од сексуално вознемирување на работното место, обезбедува пристап до обука и унапредување без родова пристрасност, предвидува права на мајчинство и родителско отсуство и гарантира еднаква плата за еднаква работа“, рече таа.
Лигл нагласи дека ефективната примена зависи од институциите и нагласи дека од клучно значење е да се продолжи со унапредување на видливоста на системската дискриминација и поттикнување дискусии за тоа како институционалните и општествените промени можат да ја унапредат еднаквоста.
На панел-дискусијата, претставничката на КСЗД, Наташа Андиу, укажа на реалните предизвици со кои се соочуваат жените на пазарот на труд.
„Безбедноста на жените е исклучително важна. Многу често се случува, особено во приватниот сектор, жените да прифаќаат пониска плата, затоа што нивната позиција и сигурност се разликуваат во однос на мажите, кои почесто добиваат повисоки примања“, рече таа.
Додаде дека културните очекувања играат значајна улога.
„Ова е поврзано и со општествените очекувања – додека мажите полесно можат да одбијат работа и да продолжат да бараат подобри услови, од жените често се очекува да ја задржат ‘традиционалната’ улога како столб на семејството. Затоа тие неретко остануваат на работни места и трпат неповолни услови“, посочи таа.
Андиу укажа и на недоволната информираност и доверба.
„За да се надмине овој проблем, потребен е координиран и системски пристап – зајакнување на механизмите за заштита, подобрување на информираноста и зголемување на довербата во институциите, како што е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација“, рече таа.
Светлана Цветковска од Министерството за социјална политика, демографија и млади истакна дека и покрај усогласеноста со европските стандарди, предизвикот останува во практиката.
„Важно е не само постоењето на законите, туку и нивната практична примена. Потребно е зајакнување на свесноста кај граѓаните, како и институционална подготвеност за нивна доследна имплементација, со цел да се намалат негативните појави и да се обезбеди стабилен систем на заштита“, рече таа.
Како предизвици ги издвои и недостигот на доверба во институциите, недоволните ресурси и слабата информираност кои придонесуваат за недоволна ефикасност.
„Сите ние треба да бидеме свесни за тоа какви промени се потребни и да работиме заедно кон нивно остварување. Потребно е континуирано унапредување на системот, особено во случаи на дискриминација, за да се обезбеди соодветна заштита. Исто така, важно е да се создадат механизми кои ќе овозможат навремена реакција и спречување на дискриминацијата, како и ефективна заштита на жртвите. Во овој контекст, фокусот треба да се стави на неколку клучни точки, почнувајќи од унапредување на регулативата, зајакнување на институциите и зголемување на јавната свест“, посочи Цветковска.






