Одговарајќи на новинарски прашања, Алиу истакна дека сѐ до изборот на нов министер во Собранието ќе остане целосно посветен на работата.
„Јас уште сум министер за здравство до моментот кога во Собранието ќе се изгласа нов министер и до тој ден секоја минута ќе работам и ќе придонесувам за здравствениот систем во државата. Кога влегов во политиката пред 10 години, влегов за да помагам, но денес, по 10 години политичко искуство, сум во политиката за да променам. Да променам како се води политика и како политичарот треба да биде транспарентен и реално да функционира во системот“, рече Алиу.
Тој нагласи дека секој има обврска да придонесе за заедницата и додаде дека и во иднина ќе продолжи да го прави тоа преку она што најдобро го знае.
Алиу оцени дека во здравството ќе има континуитет и изрази уверување дека новиот министер ќе ги продолжи веќе воспоставените политики, бидејќи, како што рече, досегашните реформи се системски поставени и ќе продолжат да се спроведуваат.
Тој посочи дека дигитализацијата е еден од клучните процеси што треба да продолжи да се развива во здравствениот систем.
Со реконструкцијата на Владата, со Министерството за здравство ќе раководи досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, кадар на ВМРО-ДПМНЕ.






