среда, 1 јули 2026

АПИС: Новиот закон за игрите на среќа е спротивен на Уставот

Од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) тврдат дека новоизгласаниот Закон за игри на среќа и забавни игри содржи одредби кои се спротивни на Уставот и ќе предизвикаат сериозни економски и правни последици.

Објавено на

часот

Сподели

Според АПИС, законот е во спротивност со темелните вредности и со членот 55 од Уставот, со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Оттаму сметаат дека, доколку предлагачите навистина оцениле дека игрите на среќа се штетни за здравјето на граѓаните, тоа најпрво требало да го докажат во соодветна судска постапка, а потоа целосно да ги забранат. Наместо тоа, велат, со воведувањето дистанца од 500 метри од училиштата се создава противуставна дискриминација врз основа на урбанистичка околност која не е фиксна.

Од АПИС посочуваат дека законот бил предложен набрзина и не бил објавен на ЕНЕР, поради што, како што наведуваат, на стопанските комори, асоцијациите и здружението на вработените им било ускратено правото активно да учествуваат во подготовката на регулативата.

Во соопштението се наведува и дека околу 10 илјади вработени во секторот игри на среќа и нивните семејства во наредните две години постепено ќе остануваат без работа и ќе бидат принудени да се иселуваат од Македонија.

Од АПИС оценуваат дека Министерството за финансии, како предлагач на законот, презема ризик од потенцијални високи отштетни побарувања со тоа што ја брани одредбата за задолжителна дистанца од 500 метри меѓу објектите за игри на среќа и училиштата. Според нив, оваа мерка е дискриминаторска и практично неспроведлива, поради што ќе доведе до затворање на легалните објекти.

Тие предупредуваат и дека државата ќе се откаже од повеќе од 350 милиони евра годишни приходи во Буџетот од легалните игри на среќа, што, според нив, претставува повеќе од шест проценти од планираните буџетски приходи за 2026 година.

Воедно, сметаат дека со новите законски решенија се отвора простор за нелегално приредување игри на среќа, кои, како што велат, ќе функционираат без државна контрола. Потсетуваат на аферата „Детонатор“ од 2011 година, кога беа запленети 1.500 нелегално поставени покер-апарати.

Од АПИС наведуваат дека слични рестриктивни мерки во други држави довеле до развој на нелегалниот пазар и посочуваат дека Владата на Албанија се откажала од четиригодишната забрана за игри на среќа.

„Кога веќе институциите немаат слух за забелешките на асоцијациите, здружението на вработените и апелите на сериозните странски инвеститори во секторот игри на среќа, тогаш наша должност е да ги заштитиме нашите вработени, правната сигурност и уставно загарантираните економски права“, наведуваат од АПИС.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ