среда, 1 јули 2026

Лукровски: Само оние што не ме познаваат можеа да поверуваат дека сум се откажал

По неколкумесечно отсуство поради здравствени причини и бројните нагаѓања за неговата иднина, градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, објави дека се враќа на функцијата, порачувајќи дека ја добил најважната битка, онаа за здравјето.

Објавено на

часот

Сподели

По периодот на повлекување од јавноста и официјалната објава дека поради здравствени причини оди на боледување, градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска официјално соопшти дека се враќа на својата функција.

„Животот е борба исполнета со предизвици, но не затоа што е против нас, туку затоа што секој предизвик нè принудува да растеме, да учиме и да станеме посилни“, напиша Лукровски во објавата.

Тој открива дека изминатиот период бил еден од најтешките искушенија во неговиот живот, нагласувајќи дека здравствените проблеми му помогнале да сфати дека вистинската сила не е никогаш да не паднеш, туку секогаш да најдеш сила повторно да станеш.

„Денес, со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период“, наведува тој.

Лукровски упати благодарност до заменик-градоначалникот Неделчо Крстевски за професионалното водење на општината во негово отсуство, како и до премиерот Христијан Мицкоски, на кого му се заблагодари за, како што наведува, човечноста, поддршката и помошта во текот на лекувањето.

Благодарност упати и до својот тим, вработените во Општина Карпош, советниците, семејството, пријателите, лекарите, сограѓаните и сопартијците, истакнувајќи дека нивната поддршка му дала сила да ја издржи борбата.

Во објавата се осврнува и на шпекулациите што се појавија за време на неговото отсуство.

„Најодговорно сакам да ги демантирам сите шпекулации и лаги врзани за моето име. Згрозен сум од начинот на кој одредени поединци и партии пробаа да дојдат до евтини политички поени на сметка на мојата состојба. Само оние кои недоволно ме познаваат може да поверуваат дека сум се откажал“, порача Лукровски.

Тој нагласува дека се враќа со нова енергија и уште поголема посветеност, со цел да продолжи да работи во интерес на граѓаните и развојот на Општина Карпош.

„Сега, по Божја волја, се враќам со нова енергија, со уште поголема посветеност и со јасна цел – да продолжам да работам одговорно, чесно и посветено, во интерес на граѓаните и развојот на нашата општина“, порачува градоначалникот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ