„Паркот на природата Езерани е едно од најзначајните заштитени подрачја во Преспанскиот регион. Со своите трски, влажни ливади и плитки води, тој претставува дом за стотици видови птици, риби, водоземци и растенија, од кои многу се ретки и заштитени. Секој спречен пожар значи зачувано живеалиште, зачуван биодиверзитет и посигурна иднина за Преспанското Езеро“, посочуваат од Општина Ресен.
Како што е познато, северниот крајбрежен дел на Преспансото Езеро заедно со дел од блатните екосистеми во непосредна близина на брегот, вообичаено скратено нарекуван „Езерани“, според селото чиј атар зазема голем дел од подрачјето, е значајно подрачје во национални рамки, но исто така и во европски и светски контекст.
Заради ваквите карактеристики и значење во меѓународни рамки, природниот парк Езерани во 1996 година е прогласен за Строг природен резерват, а целата територија административно припаѓа кон општината Ресен.






