Значајно зголемен интерес има кај осигурувањето имот, патничкото осигурување, приватното здравствено осигурување, осигурувањето од финансиски загуби, осигурување од општа одговорност и кај задолжителното автомобилско осигурување. Податоците покажуваат дека продажбата на осигурителни продукти од палетата на 18 класи неживотно осигурување во целост го надмина шокот што лани го предизвика здравствената пандемија на ковид-19. Резултатот за првите девет месеци годинава е подобар за 12 отсто и во споредба со продажбата на полиси во истиот период 2019 година.
Раст на продажбата има во најголемата доброволна класа – осигурувањето имот. Бројот на склучени договори за осигурување имот надмина 107.000, а нивната вредност надмина 1,85 милијарди денари (30 милиони евра), што е за 22 отсто повеќе од истиот период лани.

Најбрзо растечки осигурителен производ и годинава останува приватното здравствено осигурување. Десет осигурителни компании од продажба на вакви полиси инкасирале 35 отсто повеќе од истиот период лани. Продажбата достигна 300 милиони денари (4,9 мил.евра). Бројот на договори за приватно здравствено осигурување порасна за 42 отсто, а склучени се над 12.800 договори.
Вложувањата во полиси кои осигуруваат од општа одговорност пораснале за 27 отсто и за првите девет месеци од нив компаниите наплатиле 200,5 милиони денари (3,26 мил.евра). Притоа склучени се 39.000 договори за осигурување што е за 15 отсто подобро од лани.
Осигурувањето од финансиски загуби, иако мала класа во структурата на доброволни осигурувања, годинава книжи раст од 10 отсто на вредноста на продадени полиси која надмина 1 милион евра.
Поради олабавување на рестриктивните здравствени мерки, пак, годинава има голем раст на продажба на патничко осигурување. Осигурителните компании за неживот продале 216.000 полиси за патничко осигурување, двојно повеќе од истиот период 2020 година и од тоа инкасирале 118 милиони денари (1,9 мил.евра) или 92 отсто повеќе од лани.
Задолжителната автомобилска одговорност и понатаму останува класа со најголемо учество во вкупната продажба. За првите девет месеци се склучени 490.000 договори за осигурување, а нивната вредност е 3,68 милијарди денари (59,9 мил.евра). Продажбата на овие полиси е зголемена за 20 отсто во однос на 2020 година.






