ССМ бара од пратениците да ги усвојат измените и дополнувањата на Законот за работни односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор, измена и дополнување на Законот за минимална плата, потпишување на Општ колективен договор за јавен сектор и Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски испрати порака до пратениците во Собранието, дека не може вторпат да не го усвојат законското решение за недела неработен ден.
„Деведесет и два проценти од работниците денеска требаше да одмораат, а останатите осум отсто да земат минимум зголемена дневница од 50 проценти. Затоа ги повикувам веднаш да влезат во пратеничките клупи и да го изгласаат ова законско решение од кое ние работниците ќе имаме голем корист“, порача Димовски.
Тој потсети и на барањата за зголемувањето на минималната плата. Поради ценовните шокови на прехранбените продукти, Димовски рече дека минималната плата треба да изнесува 60 проценти од просечна плата, односно 18.000 денари.
„Исто така, потребно е и останатите плати да растат, бидејќи се зголемија животните трошоци и затоа е неопходна примената на Колективните договори по сектор или гранка, со цел да не дојде до израмнување на платите“, истакна Димовски и додаде дека од 30.000 работници со минимална плата, бројката сега достигнала до 110.000 и побараа исплата на регрес за сите работници.
Додека синдикалните работници го продолжија протестот кон Организацијата на работодавци на Македонија и Стопанската комора на Македонија, претседателот на ССМ беше примен во Собранието.
По средбата со пратениците кои беа присутни во законодавниот дом, Димовски соопшти дека добиле ветување оти недела неработен ден ќе биде изгласан наредната недела и законското решение за сите работници кои ќе одмораат или ќе работат во недела ќе почне да важи од 1 јануари.
„Имаме гаранција, имаме решение, ќе седнеме и ќе разговараме со цел да се донесе и законското решение за зголемување на минималната плата, барем до јануари 2022 година“, додаде тој.
Пораката до работодавачите на протестот кој од Собранието продолжи кон седиштето на Стопанската комора е дека без работничкиот труд ни работодавачите не можат да си извадат плата за себе.
„Нема ништо посилно во оваа држава од независниот работник“, изјави потпретседателот на Синдикатот од јавниот сектор Љубиша Каранфиловски.
Тој повика да престанат поделбите на леви и десни работници, како и да се прекине, како што вели, дискриминацијата на работниците од јавниот сектор.
Синдикалците потоа се упатија кон Владата, каде треба да го достават барањето за исплата на регрес на сите работници.
Фото: Роберт Атанасовски






