Цветанов е дел од Советот за унапредување на високото образование кој од неодамна е формиран во Стопанската комора на Северна Македонија. Во рамки на Советот се организира и Програмата за клуб на менаџери – претприемништво и лидерство каде и Цветанов е предавач. Обуката започнува на 9 декември, а ќе трае до крајот на мај следната година. Освен Цветанов предавачи се и педесетина други реномирани претставници на бизнис секторот, академската и научната фела.
„Во програмата како предавачи се вклучени едни од најуспешните и докажани менаџери кај нас. Едно од најдобрите учења е трансферот на знаење и учење од поискусните, оние кои претходно се соочиле со одреден проблем. Тие можат најдобро да ги споделат своите искуства околу проблемите во реалниот сектор. Освен ова, посетителите ќе имаат можност и за размена на искуства што го прави бенефитот уште поголем.
Еден пример за ваква програма е и нашиот. Во текот на овој месец со поддршка на ЕБОР, Владата на Јапонија и компанијата „Макпрогрес“ Виница отворивме Академија за извршни директори лоцирана во Виница. „Прогресив Академија“ е високопрофесионална академија со иновативен тренинг центар кој ќе овозможи градење на технички вештини, спроведување на обуки за менаџери за компаниите во регионот и пошироко, организирање на програми за развој на млади професионалци, спроведување на активности за истражување и развој, како и соработка со други едукативни институции со цел трансфер на знаење. Она што е каректеристично и за оваа академија е дека 70 отсто од предавачите се од реалниот сектор, успешни менаџери и лидери со меѓународно искуство“, вели Цветанов.






