„Од утре инспекторите на Државниот пазарен инспекторат ќе почнат да прават контроли за цените во маркетите. Чекаме во текот на оваа недела дополнителни информации од страна на Државниот завод за статистика и за други производи, во делот на зголемувањето за месец ноември. Ако покажат податоците, а граѓаните го чувствуваат тоа, ќе ја прошириме листата. Со тоа најверојатно ќе бидат опфатени и јајцата, оризот, но и макароните и тестенините. Одлуката ќе биде донесена најдоцна на следната седница на Владата. Ако ги имаме податоците во среда и четврток, Владата може да свика седница и пред тоа“, изјави вчера министерот Бектеши.
На прашањето дали Владата ќе им помогне финансиски на компаниите кои произедуваат прехранбени производи и кои се опфатени со одлуката за замрзнување на основните прехранбени производи, министерот потенцираше дека Владата во изминатите неколку години даде значителна финансиска поддршка за бизнисот.
„Во последните 3-4 години стопанството е најмногу поддржано во последните повеќе од 10 години. Во последните години се одвојуваат по 15 милиони евра годишно и досега над 500 компании добиле финансиска поддршка за отварање на нови работни места, за воведување на нови производи, за нови производствени погони“, кажа министерот Бектеши и потенцираше дека кога станува збор за цените на репроматеријалите кои ги увезуваат компаниите до крајот на годината треба да биде усвоен од Владата Царинскиот тарифник каде што најголем дел од царинските тарифи се намалуваат на 0% или ќе бидат на исто ниво како на Европската унија, што значи помали трошоци за компаниите.






