вторник, 14 април 2026

15 милиони евра за Гарантен фонд и Фонд за развој, за забрзан економски раст

Објавено на

часот

Сподели

Гарантниот фонд и Фондот за развој неодамна ги најави министерот за финансии, Фатмир Бесими, како инструменти коишто се дел од Планот за забрзан економски раст ќе бидат во насока на финансирање на заздравувањето на економијата погодена од кризата предизвикана од ковид-19. Целта на Планот, како што рече Бесими, е поддршка на забрзаниот и одржливиот раст, а притоа одржување на фискалната стабилност преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор, како дополнување на финансиските средства издвоени од Буџетот.

Со предложеното надополнување на Гарантниот фонд со дополнителни 5 милиони евра ќе се зголеми поддршката на приватниот сектор преку гарантирање за кредити за обртни средства и за основни средства кои ќе се одобруваат од страна на комерцијалните банки, и кои според мултипликаторот првично ќе генерираат околу 100 милиони евра поволни кредити за стопанството. Притоа, средствата за гарантирање на кредитите одобрени од банките и штедилниците  ќе се зголемaт и ќе изнесуваат 15 милиони евра вкупно.

Инаку, Гарантниот фонд веќе функционира како посебна организациска единица во рамките на Развојната банка заради поддршка на развојот на микро, мали и средни претпријатија, како и големи трговци кои вршат извоз.

Фондот за развој во рамки на Развојната банка, пак, ќе има можност преку поволни кредитни производи да ги поддржи компаниите ориентирани кон извоз и активностите во областа на истражувањето и развојот, со цел да го поттикнат извозот, технолошкиот развој и воведувањето нови производи. Активностите за поддршка на извозот исто така ќе вклучуваат програма за развој на добавувачи, насочена кон зголемување на технолошката подготвеност и капацитетите на домашните компании да учествуваат во глобалните синџири на производство.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ