понеделник, 1 јуни 2026

Денеска почнува глобалната транзиција кон системот за дигитално обезбедување документација за транспортерите

Од денеска почнува глобалната транзиција кон , целосно електронскиот систем за обезбедување документација за извоз на стоки (систем е-АТА CARNET), за кој Стопанската комора (СКМ) има јавни овластувања и ги издава овие документи во интерес на компаниите, информираше денеска претседателот на Комората, Бранко Азески.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

„Во време кога дигитализацијата станува предуслов за поефикасни административни процеси и поконкурентна економија, модернизацијата на инструментите што ја олеснуваат меѓународната трговија претставува природен и неопходен чекор. ATA Carnet, познат и како пасош за стоки, е меѓународно признат царински документ, кој овозможува привремен извоз и увоз на стоки, без плаќање царини и други увозни давачки во повеќе од 80 земји и царински територии. Документот се користи за учество на меѓународни саеми, изложби, деловни настани, професионална опрема и други форми на привремено движење стоки“, вели Азески.

Како национална гарантна асоцијација, Стопанската комора од воведувањето на новиот дигитален систем во април 2023 година до денес, има издадено вкупно 1.470 паралелни хартиени и дигитални АТА-карнети.

Од 1 јуни 2026 година официјално почнува глобалната транзиција кон модернизираниот дигитален е-ATA Carnet-систем во согласност со меѓународната динамика утврдена од Меѓународната трговска комора (ICC) и Светската царинска организација (WCO).

Од Комората велат дека преминот на АТА-карнетот во дигитална форма претставува значаен чекор кон модернизација и поефикасно олеснување на меѓународната трговија.

„Новата апликација за е-ATA Carnet ќе овозможува привремен увоз и извоз на стоки со истата функционалност како хартиениот карнет, без потреба од носење физички документи. Преку QR-кодови и дигитални царински декларации системот ќе придонесе за побрзо, побезбедно и поедноставно прекугранично движење стоки“, велат од СКМ.

Во пресрет на најавената нова фаза од страна на Меѓународната трговска комора, Од Стопанската комора велат дека по примерот на другите земји, Комората е подготвена за почнување на процесот на воведување на е-ATA-системот.

„Техничката подготовка е воспоставена, а Комората активно ги следи сите активности и насоки за имплементација со цел да обезбеди навремена поддршка за деловната заедница и целосно усогласување со меѓународните стандарди. Важно е да се нагласи дека за Македонија ова не значи непосредно укинување на хартиениот ATA Carnet. Во транзицискиот период, кој во согласност со меѓународниот план ќе трае до крајот на 2027 година, односно до целосната транзиција на 1 јануари 2028 година, хартиениот и дигиталниот модел ќе коегзистираат. Тоа значи дека компаниите ќе продолжат непречено да ги користат постојните процедури додека постепено ќе се воведуваат новите дигитални процеси. За компаниите ова значи можност за навремено запознавање и подготовка за постепен премин кон побрзи и поефикасни постапки, подобра следливост на документите, намалување на административниот товар и усогласување со идните глобални стандарди во трговијата. Истовремено, транзицискиот период обезбедува сигурност и континуитет во работењето, без прекин на постојните процеси“, велат од СКМ.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ