понеделник, 1 јуни 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кога совеста ќе заспие: Дали ја забораваме Газа? Му има ли спас на Израел?

Мнозина од нас кои се сметаме за јавни интелектуалци го имаме импулсот на некаква „нужност“ да ги следиме сите (или најважните) глобални настани и да имаме став за нив. Малкумина се толку доследни како Ричард Фолк, професорот по меѓународно право од Принстон, кој и во своите 96 години конзистентно работи на будење на совеста и свеста за страдањата на палестинскиот народ.

Проверете ја неговата библиографија, но и личниот блог, како и бројните онлајн учества во дебати. Ако некој денес заслужува да се нарече морална вертикала и пример на јавен интелектуалец кој зборува со морална јасност, но и академска и практична мудрост – тоа е тој. Поактивен и по луциден од мнозина од нас (кои не сме млади, но пред него се чувствуваме како ученици). Тој зборува и за други важни теми (меѓународното право, нуклеарната опасност, Украина, но Палестина има посебно место – и тоа со право).

Немаше да го напишам овој текст да не бев поттикната од две работи. Завчера давав видео интервју за турски новинар, кого не го познавав претходно. Искрено, не знам ни како стаса до мене. Но, барања за разговори не одбивам, затоа што најмалку што можеме да сториме во еден забеган свет е да алармираме, деконструираме пропаганда, да бараме начини за излез од ова што наликува на „совршена бура“. Зборувавме најмногу за претстојниот самит на НАТО, но на крајот од разговорот, надвор од планот, а очигледно поттикнат од мојот јасен критички став, тој ме замоли за одговор на уште едно прашање непланирано прашање. Тоа се однесуваше на меѓународното право, колку е тоа воопшто релевантно денес, особено во контекст на Газа, Венецуела, Куба, Иран.

Имав само 4 минути за одговорот, и некако спонтано мислите ми отидоа кон она за што толку често зборува Ричард: не е вината во правните норми и принципи, неа да ја бараме кај оние кои не ги почитуваат, а остануваат неказнети за најтешките дела против човечноста. И во тој миг ми светна асоцијацијата на Истанбул, градот во кој минатата година ја одржавме финалната сесија на Трибуналот за Газа, во која ја имав честа да бидам член на Поротата на совеста. Се разбира, основач на оваа алтернативна идеја на цивилното општество и барањето морална осуда е токму Ричард Фалк. Додека го изговорував ова, новинарот (зад камерата) тивко со гест ми испрати знак на благодарност и потврда дека сум го допрела и неговото срце со искажаните зборови.

Колку и ова да предизвика едно топло чувство, знаете ли како го минав остатокот од денот? Додека ги вршев секојдневните работи низ домот, а потоа дури и минав неколку часа навивајќи за Новак, во заднината некој глас безмилосно ме враќаше на Газа. Дали ја заборави? Дали мислиш дека си ја завршила својата работа и сега можеш да пишуваш за сè и сешто? Знаеш дека таму геноцидот е секојдневие и дека Газа и Западниот Брег се пред тотален колапс и анексија! Дали и ти влезе во шемата на „бркање настани“, „теоретизирање“, продавање мудрост, а притоа несвесно потклекнување и признавање дека не може ништо да се стори? Дали на тој начин го „нормализираше“ палестинското секојдневие? Ете тоа беше цената на оној кус момент на интервју во кое се осврнав на Газа.

Потоа се сетив дека пред неколку дена веројатно ја изневерив вербата на Ричард во мојот ум. Имено, коментирајќи на еден мој текст објавен на Сабстак, тој ми испрати драфт на свој есеј насловен „Дали Израел може да биде спасен? Кон дијалог“. Се разбира дека секој во таква позиција за миг би се прашал дали е достоен да биде „рецензент“ на генијален ум. Тоа делува и инхибирачки ако немаш макар минимална самодоверба. Но, знаејќи дека е тоа наша размена на мислења, откако го прочитав текстот решив срамежливо да кажам што мислам за неговите предлози.

За тие кои не го читале овој текст или не ги знаат позициите на авторот, редно е да се каже дека неговата почетна премиса е секогаш врзана со осуда на доселеничкиот колонијализам, ционизмот, етничкото чистење и геноцидот врз Палестинците. Тој тука нема дилема, и знае кој е сторителот, а кој жртвата. Тоа е јасна морална и фактичка, историска позиција – и тоа на човек со еврејско потекло, кој еднаш одамна беше во чевлите на Франческа Албанезе. Спасувањето се однесува на државата во сегашните граници, но како императив тој го наметнува менувањето и длабоката преобразба на израелскиот политички режим, кој е длабоко заглавен во невидени злосторства и е затоа непоправлив. Иако не дава конкретно решение (т.е. не се определува помеѓу солуцијата „една или две држави“, или некој друг полабав модалитет на политички аранжман), тој смета дека вака како што стојат работите Израел сосема го изгуби кредибилитетот и почитта во светот и е во полоша или слична состојба како некогашната апартхејд држава во Јужноафриканската република. „Спасот“ е за луѓето, за нормализација на односите, се разбира преку процес на соочување со злосторствата и реконцилијација, а потоа и некаков соживот во тој сложен регионален мозаик. Во долгиот текст (близу 4.000 зборови) на толку брилијантен, стегнат и елоквентен начин, е скициран и целиот глобален контекст во кој се сместува централното прашање. За разлика од мене која се крши (понекогаш и буквално) меѓу очајот и спремноста за битка, тој останува на конструктивната страна: бара решенија, размислува конструктивно, и сето тоа во рамки на „политика на посибилизам“. Тој мудро ги избегнува замките на оптимизмот наспроти песимизмот, но затоа неретко го сметаат за утопист – човек кој нуди решенија кои тешко дека некој ќе ги спроведе во дело. Не затоа што се тие невозможни, туку заради немањето волја и интерес за тоа.

Кој беше мојот став? Ах, многу тешка па и болна задача за некој кој доаѓа од бивша Југославија! Некој кој знае (можеби не непосредно како моите бивши сонародници од другите југословенски републики) и има лично искуство од внатрешен конфликт, сцени на страдања од огромни пропорции, кршење на меѓународното право од сите страни, вклучувајќи го и Западот/НАТО). Можеби го разочарав со мојот одговор, бидејќи јас сѐ уште учам како да ја прифатам политиката на посибилизам, а сум посклона на „реализам“ (иако не во смисла на Мершајмер и неговите следбеници). Се повикав на нашите југословенски искуства, на лузните кои сè уште не зараснале, на смрзнатите конфликти кои не се затворени сосема, заедно со зголемениот степен на нетрпеливост, непростување, незаборав и меѓусебно обвинување. Но, ние овде барем имаме државни граници (без оглед што реално сме колонии на Западот). Некои од тие граници се нови (Косово), а некои се сметаат за привремени (македонските? босанските?)… Накусо, недовршен конфликт, непостигнат мир. Од нашиот регион меѓународниот трибунал (контроверзен сам по себе и по наследството што го остави) утврди (во еден случај, на сосема мала територија) постоење на геноцид – нешто што уште создава немир, па и неприфаќање. После 30 години од Дејтонскиот договор и 25 години од Охридскиот договор, судбината на БиХ и на Македонија се сметаат за неизвесни. Ричард предлага да гледаме на еден успешен пример на меѓународен притисок и делегитимација на режимот на апартхејд, кој треба да биде водилка во „спасувањето на Израел“ во кој Евреите и Палестинците ќе живеат како еднакви и со загарантирано човечко достоинство.

Мојот одговор беше резервиран во насока на тоа дека можеби (само можеби) политичките елити кои заговараат ционизам и продолжување на геноцидната политика кон Палестинците може да се принудат на длабока промена или отстапки. Но, што правиме со огромната јавна поддршка за уништувањето на Палестинците која доаѓа од јавното мислење? Да, дел од електоратот е против Нетанјаху, но од други причини. Се чини, огромното мнозинство Израелци нема ни желба ни намера да го осудат тој брутален, садистички, силувачки режим; а тие се гласачкото тело во секоја демократија (исто како што Американците избираат воени злосторници за претседатели). А Палестинците тоа го знаат. Како да замислам „спас“? Не знам.

Освен тоа, пред кусо време и покрај масовните протести низ Европа (која постепено се буди), се одржа Евровизија – музички фестивал среде геноцид – на кој Израел за малку и ќе победеше. Да, Евровизијата не е проблемот, туку симптомот на болеста која метастазирала. Лично, веќе подолго време внимавам што купувам и бојкотирам израелски производи и услуги, платформи и сл. Не сакам на никаков, дури ни спореден начин, да ја помагам израелската економија. Но, мојата држава е на страната на Израел. Исто како и нашиот јужен сосед. Ние можеби меѓу себе имаме проблеми (околу името Македонија и нашиот идентитет), но владите се поклонуваат на Вашингтон, па така Газа или Палестина не постојат во нивниот речник. Можеби некои од вас ќе се сетат дека ѝ пишав отворено писмо на претседателката Сиљановска-Давкова; попусто! Таа сака деца, ама не слушнала за Газа. Но, вчера го слушнав Берни Сандерс, еднаш надеж за демократски препород на САД, како вели дека ако во Израел се создаде не-ционистичка држава со еднакви права на Палестинците и Евреите, тоа би бил крај за Израел како држава. А тој јасно би го спасувал Израел со сите средства, вклучувајќи и геноцид. Која е тогаш разликата меѓу Трамп и Сандерс?

Затоа нашата совест не смее да заспие. Луѓе кои се спремни да прифатат невини жртви на друго место (за некаква нивна повисока кауза), утре ќе дојдат и по нас.

          Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Џефри Д. Сакс

Отворено писмо до канцеларот Фридрих Мерц

Ристо Цицонков

Глобален раст на енергетската побарувачка

Љубомир Николовски

Половина век љубов, верба и надеж

Александра Сабрас Апостолова

Јазот меѓу административната рамка и практичната примена во поддршката за лицата...

Ѓoрѓи Илиевски

Правни и етички аспекти од актуелните проблеми на Филозофскиот факултет

Катерина Климоска

Ранг листите како последица, не како цел

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ