понеделник, 1 јуни 2026

Во Пелистер сите поднесоа оставки по испаѓањето во Втора лига

По две сезони во елитата, екипата на Пелистер повторно се враќа во Втората македонска фудбалска лига откако вчера загуби од Шкендија Арачиново во баражот за опстанок.

Објавено на

часот

Сподели

Исходот од дуелот што се играше во Кавадарци ја разочара цела Битола, навивачите се бесни, а очигледно целата управа и стручниот штаб ќе ја преземе одговорноста за она што се случи вчера. Најавена е оставка од сите инволвирани во клубот кој сезонава имаше огромна финансиска поддршка од Општината и се очекуваше не само да избори опстанок, туку да биде најмалку на средина од табелата.

„ФК Пелистер ја известува јавноста дека, по денешниот пораз и испаѓањето на клубот од Првата македонска фудбалска лига, претседателот на клубот, заедно со целокупната управувачка структура, техничкиот директор и целиот стручен штаб, ќе поднесат оставки до градоначалникот на Општина Битола, преземајќи морална одговорност за остварениот резултат.

Во изминатиот период беа преземени бројни активности и направени значителни напори за зајакнување на клубот и обезбедување на негов опстанок во Првата лига, но очигледно вложеното не беше доволно за постигнување на посакуваните резултати.

Покрај поднесените оставки, досегашната управувачка структура бара да се спроведе и целосна ревизија на досегашното работење на клубот, со цел јавноста да биде ослободена од какви било сомнежи во однос на евентуални злоупотреби на финансиски средства и да се потврди нивното наменско и транспарентно трошење.

Со овој чин се презема одговорност за резултатите, но и се остава простор за темелна анализа на досегашните чекори и носење на нови одлуки, сè во интерес на идниот развој и напредок на ФК Пелистер“, стои во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ