понеделник, 1 јуни 2026

УЈП изброја повисоки добивки, компаниите ќе доплатат скоро шест милијарди денари данок

Управата за јавни приходи (УЈП) ја заврши обработката на даночните биланси за 2025 година, а анализите покажуваат раст на даночната основа, повисоки добивки кај компаниите и зголемени приходи од данокот на добивка. Според податоците на УЈП, даночен биланс за оданочување на добивка поднеле 25.506 даночни обврзници, што е повеќе во споредба со 25.051 поднесени биланси во 2024 година. Воедно, даночен биланс за оданочување на вкупен приход поднеле 50.465 обврзници, наспроти 49.126 една година претходно.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Кај компаниите кои плаќаат данок на добивка, по исклучување на субјектите кои имаат законски даночни ослободувања, даночната основа и пресметаниот данок бележат раст од 14 проценти во однос на претходната година. По пресметката и пребивањето со веќе платените аконтации, за доплата остануваат 5 милијарди и 805 милиони денари.

„Истовремено, за поврат на даночните обврзници се евидентирани 323 милиони денари, додека повеќе од 4,5 милијарди денари повеќе платен данок ќе бидат искористени за подмирување на аконтациите во 2026 година. Нето даночниот ефект е повисок за 33 проценти во споредба со претходната година, што според УЈП се должи на повисоките добивки на компаниите и на намаленото користење на даночни олеснувања“, информираа од УЈП.

Според нивните податоци, најголемиот дел од деловните субјекти и понатаму се микро и мали компании кои го користат поедноставениот даночен режим. Во рамки на овој систем, фирмите со годишен приход до три милиони денари се ослободени од плаќање данок, додека оние со приход меѓу три и шест милиони денари плаќаат данок од еден процент на вкупниот приход.

„Од вкупно 50.465 поднесени даночни биланси за вкупен приход, данок пресметале 3.883 обврзници, што претставува раст од 8,6 проценти во однос на 2024 година. Сепак, нето даночниот ефект кај овој вид оданочување изнесува 45,3 милиони денари и е понизок од претходната година, кога изнесувал 53,5 милиони денари. Раст на даночната основа е регистриран и кај трговците-поединци, занаетчиите, земјоделците и лицата кои вршат слободни занимања. Кај овие категории, даночната основа и пресметаниот данок се повисоки за два до три проценти во однос на 2024 година“, посочуваат од УЈП.

По завршената обработка на даночните биланси, УЈП најавува продолжување на активностите за откривање неподнесени пријави, наплата на даночните долгови, враќање на повеќе платениот данок и контрола на усогласеноста на даночните обврзници преку анализи на ризик и даночни контроли.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ