Викенд-нападите врз Иран биле насочени кон ирански радарски системи и командно-контролни објекти и претставувале одговор на „агресивни ирански дејствија што вклучуваа соборување на американски дрон М-Кју-1, кој оперираше над меѓународни води“, соопшти Централната команда на САД во неделата навечер.
„Американските борбени авиони брзо одговорија со уништување на иранската противвоздушна одбрана, една копнена контролна станица и два еднонасочни јуришни дрона што претставуваа јасна закана за бродовите што минуваат низ регионалните води“, соопшти Централната команда.
Во меѓувреме, Корпусот на чуварите на Исламската револуција (ИРГЦ) соопшти дека погодил американска воздухопловна база од која, наводно, бил извршен напад врз телекомуникациска кула на иранскиот остров Сирик, според соопштение што го пренесоа повеќе ирански државни медиуми.
Во соопштението не се наведува која база била погодена, но објавата дојде откако Кувајт соопшти дека одбил напади со дронови и ракети.
Иран и САД повеќепати разменуваа оган откако нестабилниот прекин на огнот стапи во сила во почетокот на април, вклучително и минатата недела, кога Кувајт соопшти дека бил цел на ирански ракети и дронови. Тие инциденти предизвикаа вознемиреност во регионот, но досега не доведоа до целосен колапс на прекинот на огнот.
Меморандум за разбирање
Во срцето на тековните разговори за прекин на непријателствата се наоѓа меморандум за разбирање меѓу САД и Иран, кој би им ставил крај на борбите и би поставил темели за понатамошни разговори за клучните нерешени прашања.
Најновите измени што ги предложил Трамп, по состанокот со советниците во петокот, веќе ги продолжија преговорите за уште една недела.
„Иран навистина сака да постигне договор, а тоа ќе биде добар договор за САД и за оние што се со нас“, напиша Трамп на Трут сошл откако Централната команда ги потврди најновите напади.
Точните измени што ги побарал Трамп не се познати, но некои функционери рекле дека претседателот инсистирал на поостар јазик околу иранските нуклеарни обврски и ветувањето за повторно отворање на Ормускиот теснец. Американските сојузници во Заливот биле информирани за разговорите. Еден странски функционер запознаен со прашањето изјавил за Си-ен-ен дека измените не се суштински и главно се однесуваат на американската желба за гаранции околу тие прашања.
Трамп исто така изразил загриженост околу евентуалното финансиско олеснување за Иран како дел од договорот, стравувајќи од споредби со „палетите со готовина“ испорачани во рамките на нуклеарниот договор од времето на Обама, кој тој го смета за слаб.
Пред да бидат објавени најновите напади врз Иран, еден американски функционер изјавил за Си-ен-ен дека нови воени напади се малку веројатни бидејќи договорот е блиску, а регионалните сојузници не сакаат повторно да почнат борбени операции.
Најновата размена на предлози доаѓа една недела откако Трамп објави дека договорот е „во голема мера финализиран“ и сигнализираше дека крајот на војната е блиску.
Оттогаш американските функционери испраќаат сигнали за напредок во постигнувањето договор што би ги завршил непријателствата, би го отворил теснецот и би почнал подетални разговори за иранската нуклеарна програма.
Но и покрај тоа што Трамп објави дека ќе донесе „конечна одлука“ на состанокот во петокот и јавно наведе дел од условите на договорот, двочасовната средба завршила без конечна одлука.
Додека Трамп во својата порака тврдеше дека САД ќе ги запленат и уништат иранските резерви на високо збогатен ураниум, Иран постојано повторува дека во сегашните преговори не разговара за детали од својата нуклеарна програма.
Трамп исто така тврдеше дека немало разговори за размена на пари како дел од договорот, иако Иран вели дека тоа мора да биде дел од секој договор.
Како ќе се надминат тие разлики останува нејасно, додека натегањето околу текстот на договорот продолжува.
Аксиос и Њујорк тајмс претходно објавија информации за барањето на Трамп за измени.
„Нема доверба“ во непријателот, вели Иран
Претседателот на иранскиот парламент Мохамед Багер Галибаф во неделата изјавил дека нема да биде одобрен никаков договор со САД додека не бидат обезбедени „правата“ на Техеран, пренесе полуофицијалната агенција Тасним.
„Војниците на дипломатското бојно поле немаат доверба во зборовите и ветувањата на непријателот. За нас се важни опипливите резултати што мора да ги добиеме, а за возврат ќе ги исполниме нашите обврски“, го цитираше Тасним Галибаф.
Си-ен-ен дознал дека минатата недела била пресретната иранска балистичка ракета во близина на воздухопловната база Али Ал Салем во Кувајт, при што делови од урнатините предизвикале полесни повреди кај персоналот на базата, според извор запознаен со настанот.
Сенаторот од Делавер Крис Кунс во неделата изјавил дека условите што Трамп ги навел минатата недела изгледаат прифатливо на хартија, но изразил сомнеж дека ќе можат да се спроведат во практика, особено кога станува збор за Ормускиот теснец.
„Иако можеме да ја користиме нашата технолошка надмоќ за да бомбардираме големи фабрики во Иран, нема да можеме да ги спречиме да ја користат својата способност со мини да го затворат Ормускиот теснец и со дронови да нè напаѓаат нас и нашите сојузници“, рече Кунс во емисијата „Фокс њуз сандеј“.
„Ќе ни треба цврст договор за навистина да се справиме со оваа нова способност што Иран ја демонстрираше во војната.“
Како одговор на иранската контрола врз теснецот, кој претставува клучна рута за светската трговија со енергенси, Трамп ѝ нареди на американската морнарица да ги блокира иранските пристаништа и да го исчисти Ормускиот теснец од ирански мини.
Блокадата продолжи и за време на преговорите, при што американската војска во петокот онеспособи брод под знамето на Гамбија што пловел кон Иран, испукувајќи ракета во машинскиот простор, според Централната команда на САД.
ЦЕНТКОМ во соопштение објавено на социјалните мрежи во саботата наведе дека бродот „М/В Лијан Стар“ бил на пат кон иранско пристаниште во Оманскиот Залив кога американската војска испратила „повеќе од 20 предупредувања“ дека го прекршува американскиот режим на блокада на иранските пристаништа.
Тоа е петтиот трговски брод што американската војска го онеспособи откако почнала блокадата, соопшти ЦЕНТКОМ. Дополнително, повеќе од 100 брода беа пренасочени.
Нафтени резерви
Додека економските последици продолжуваат за време на преговорите, директорот на Националниот економски совет Кевин Хасет во неделата изјави дека федералната влада и приватните компании сè уште располагаат со „милијарди“ барели нафта во резерви, кои се користат за ублажување на растот на цените на нафтата.
„Има доволно простор… врз Иран се врши голем притисок конечно да ги прифати условите на претседателот“, рече тој во интервју за Еј-би-си, одговарајќи на загриженоста што ја изразил директор на Ексон мобил минатиот четврток дека резервите се приближуваат до „невидени нивоа“.
Стратегиските нафтени резерви се намалиле за дополнителни 9,1 милиони барели меѓу 15 и 22 мај, според неделниот извештај на Управата за енергетски информации. Тоа е повеќе од рекордниот пад од 8,6 милиони барели пријавен на 13 мај.
Ако биде потврден договор со Иран и бидат укинати сегашните ограничувања во Ормускиот теснец, можеби ќе бидат потребни два месеци за снабдувањето со нафта да се врати во нормала, рече Хасет.
Пониските цени на нафтата ќе зависат и од тоа колку брзо рафинериите ќе можат повторно да ги воспостават своите текови на сурова нафта, откако дел од капацитетите го прекинаа производството поради војната.
Покачените цени на нафтата доведоа и до повисоки цени на горивата. Просечната цена на бензинот во САД во неделата достигна 4,34 долари за галон, според Американската автомобилска асоцијација. Тоа е околу 18 центи помалку од пред една недела, но сè уште е речиси 46 проценти повисоко во споредба со почетокот на војната.
Растот на цените на енергенсите влијаеше врз перцепцијата на Американците за економијата. Само 16 проценти од Американците ја оценуваат економијата како одлична или добра, според неодамнешна анкета на Галуп.
Хасет ги отфрли негативните оценки на Американците за економијата, тврдејќи дека растот на реалните плати и на берзата ја компензирал инфлацијата.
„Ако ги погледнат своите паричници и колку пари им остануваат по растот на цените, ќе видат дека имаат многу повеќе пари“, рече тој.






