понеделник, 1 јуни 2026

Што сѐ се крие во декларациите на производите?

Последната контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство само ги потврди сомневањата на потрошувачите дека не секогаш податоците запишани  во декларацијата на некој производ се вистинити. АХВ вчера соопшти дека се утврдени манипулации во декларираните проценти на млечни масти во преработки од млеко. Од земените и лабораториски анализирани мостри од млеко и млечни производи, утврдено е дека во некои производи има помал процент млечни масти од декларираното.

Објавено на

часот

Сподели

Дали потрошувачите во Македонија имаат доволно јасни и видливи информации за реалното потекло на производите што ги купуваат? Дали потрошувачите доволно ги читаат декларациите или најчесто одлуката ја носат врз основа на пакувањето и визуелниот изглед?

Од Организацијата на потрошувачи велат дека од декларацијата потрошувачите најчесто го читаат само рокот на употреба на производот.

„Останатите наведени параметри се со ситни букви и најчесто не се читаат доволно. Во делот на онлајн продажбата на производите декларација или воопшто нема или само мал дел од она што можете да го прочитате на опаковката доколку купувате производ во продавница“, велат од Организацијата на потрошувачи.

Тие сметаат дека назив, одредени слики или ознаки за квалитет можат да создадат погрешна перцепција за потекло.

„Ако постојат одредени слики кои наведуваат дека на пример сокот содржи јагоди, а ги има во трагови, тоа може да го доведе потрошувачот во заблуда. Или доколку има опаковка која е слична со некој познат производител, потрошувачот може да купи производ за кој смета дека е на пример оргинал вегета, а не е.

Потрошувачот доколку затекне производ кој смета дека го доведува во заблуда треба да ги извести надлежните Агенција за храна и ветеринарство и Државен пазарен инспекторат“, велат од организацијата.

Тука исто така се отвора прашањето и на потребата од поголема јавна едукација за читање декларации.

Од Организацијата за потрошувачи се согласни со тоа дека има потреба од поголема едукација на потрошувачите за читање на декларациите, посебно затоа што можат да содржат состојки кои може да предизвикаат алергиски реакции. Потрошувачите треба да знаат како да ги прочитаат декларациите и кога треба да реагираат.

За сите овие отворени прашања во врска со декларациите на производите, за манипулациите со географското потекло во декларациите, за сите збунувачки податоци запишани со ситни букви на налепниците на производите, за истакнување или криење на податокот за земјата на потеклото на производот, за редовната или не контрола на ваквите пропусти на македонскиот пазар… ги поставивме прашањата до надлежните институции и се надеваме дека деновиве ќе ги добиеме и одговорите и ветувања дека нешто ќе се менува и на ова поле.

 Р.М.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ