понеделник, 1 јуни 2026

Наместо заштита, багери „влегоа“ во архитектонско наследство во Охрид, старо безмалку еден век (ВИДЕО)

Наместо итна заштита на објект за кој невладината организација Охрид СОС подолго време предупредуваше дека претставува редок и исклучително вреден пример на еклектична градска архитектура од меѓувоениот период, багери од вчера почнаа со уривање на куќата на улицата „Димитар Влахов“, во непосредна близина на старото градско јадро на Охрид.

Објавено на

часот

Сподели

Само два дена претходно, на 29 мај, Охрид СОС до Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Заводот за заштита на спомениците достави барање за итна привремена заштита на објектот, изграден во 1927 година. Подносителите на иницијативата предупредуваат дека станува збор за редок примерок на еклектична архитектура со уникатни обликовни и декоративни елементи, какви што денес се сочувани во многу мал број не само во Охрид, туку и во Македонија.

Според нив, особено загрижува фактот што куќата досега не била ставена под заштита согласно Законот за заштита на културното наследство, иако се наоѓа во зона III-а од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион за периодот 2020-2029. Дополнително, објектот е дел од поширока архитектонско-урбанистичка целина составена од слични куќи изградени во истиот период долж улиците „Димитар Влахов“ и „Даме Груев“.

„Во барањето наведовме дека станува збор за исклучително вреден примерок од т.н. еклектична градска архитектура од периодот меѓу двете светски војни (поточно од 1927 година), со уникатни архитектонски обликовни и декоративни елементи, какви што се сочувани во мал број не само во Охрид, туку и пошироко во Македонија. Затоа, шокантно е што овој објект досега не бил заштитен согласно Законот за заштита на културното наследство, со што би се обезбедило неговото сочувување и за следните генерации, како дел од Исклучителните универзални вредности на Охридскиот Регион како светско културно и природно наследство, впишано на листата на светско наследство на УНЕСКО. Дополнително, куќата претставува дел од една потенцијална заштитена амбиентална целина, во која припаѓаат слични куќи градени во истиот период долж оваа улица, како и на улицата ‘Даме Груев’, во центарот на Охрид.  Согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020 – 2029), за оваа зона се предвидува дека ќе се применува мерката на урбана реконструкција, односно воспоставување состојба која ќе ги подобри условите за живеење и работа. При уредување на просторот прифатливи методи се обнова на постојните и изградба на нови градби со почитување на амбиенталните карактеристики на целината, традиционалните форми, карактеристиките на пејзажот и хармонијата на целината. Планот забранува окрупнување на градежни парцели, токму за да се превенира изградба на габаритни објекти. Исто така, новите градби треба да имаат габарит кој е усогласен со контекстот и не ја нарушува визуелната перцепција кон целината старо градско јадро и силуета која го почитува традиционалниот локален карактер и силуетата на просторот каде се градат“, предупредија од Охрид СОС.

Оттаму додаваат дека не смее да се испушти од вид и дека куќата се наоѓа во непосредна близина на неколку значајни јавни објекти од здравството (Маларична амбуланта), социјалната заштита (Пензионерскиот дом, дело на архитектот, проф. Живко Поповски) и од образованието (градинката „Јасна Ристеска“, од архитектите Викторија Поп-Стефанија и Димитри Зарчев, гимназијата „Св. Климент Охридски“, како и ООУ „Григор Прличев“, дело на архитектот Љубен Најденов), со кои, како што посочуваат од Охрид СОС, сочинува една веќе оформена архитектонско-урбанистичка целина.

Поддршка за зачувување на оваа урбана целина веќе дале повеќе од 1.000 граѓани преку петиција со која се бара заштита на објектите што претставуваат архитектонско наследство од минатиот век, како и на училишниот парк што се наоѓа во непосредна близина на куќата која вчера почна да се урива.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ