Според анализата, од крајот на февруари Иран гаѓал клучни американски и заеднички воени објекти во осум држави во регионот, предизвикувајќи повеќемилионска штета врз најсовремени системи за противракетна одбрана, авиони за дополнување гориво во воздух и радарски системи.
Техеран ги нападнал американските бази како одмазда за американско-израелските удари врз цели во Иран и Либан во изминатите три месеци. Во меѓувреме, Пентагон тврди дека во рамките на операцијата „Епски бес“ погодил повеќе од 13.000 цели во Иран.
Според Би-би-си, погодени биле објекти во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт, Ирак, Јордан, Бахреин и Оман. Некои аналитичари проценуваат дека бројот на погодените бази може да достигне и до 28.
Меѓу најзначајните загуби се три системи ТААД за пресретнување балистички ракети во Обединетите Арапски Емирати и Јордан. САД располагаат со само осум вакви батерии низ светот, а вредноста на една батерија изнесува околу една милијарда долари.
Тешко биле погодени и американските авиони за дополнување гориво и извидување во воздухопловната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија. Аналитичарите идентификувале оштетен извидувачки авион Е-3 сентри, чија замена би можела да чини до 700 милиони долари.
Штета е регистрирана и во базата Али Ал Салем и кампот Арифџан во Кувајт, каде што биле уништени складишта за гориво, хангари, сместувачки капацитети и опрема за сателитски комуникации.
Пентагон во мај процени дека вкупниот трошок на операцијата „Епски бес“ достигнал 29 милијарди долари, при што голем дел од средствата ќе бидат наменети за поправка или замена на уништената опрема. Демократите во Конгресот тврдат дека оваа проценка е потценета.
Во извештајот се наведува и дека од февруари биле уништени или оштетени најмалку 42 летала, меѓу кои борбени авиони Ф-15 и Ф-35, 24 беспилотни летала М-Кју-9 Рипер и јуришни авиони А-10.
Експертите за Би-би-си оценуваат дека Иран во текот на војната ја променил тактиката, преминувајќи од масовни ракетни напади кон помали, но попрецизни удари врз многу вредни цели.
Според аналитичарката Кели Греко од Стимсон центарот, првичните ирански напади биле насочени кон заситување на противвоздушната одбрана, но подоцна Техеран почнал да ги чува своите ракети и дронови за внимателно избрани цели каде што дури и блиски промашувања можеле да предизвикаат значителна штета.
Иранскиот врховен лидер Моџтаба Хамнеи неодамна изјави дека американските бази во регионот повеќе нема да бидат безбедни и дека САД постепено ќе ја губат својата поранешна позиција на Блискиот Исток.
Експертите предупредуваат дека доколку се распадне сегашното кревко примирје меѓу САД и Иран, американските бази во Заливот би можеле да се покажат особено ранливи поради веќе претрпените оштетувања и намалените резерви на противракетни пресретнувачи.






