Експлозијата се случила околу 6:30 часот во фабриката „Та Лурд“, лоцирана на улицата „Трик тал Кади“ во Магтаб. Полицијата е на местото на настанот и спроведува истрага. Според првичните информации, експлозијата избувнала во погонот за производство на пиротехника, објави Малта тудеј.
Жители од околните населби изјавиле дека детонацијата се слушнала на неколку километри оддалеченост, а дел од нив почувствувале и силен ударен бран.
Двајца мажи биле пренесени во болницата „Матер Деи“ со полесни повреди.
Станува збор за мажи на возраст од 67 и 47 години, жители на заливот Сент Пол, кои во моментот на експлозијата работеле на ниви во близина на фабриката. Поради шокот предизвикан од експлозијата биле пренесени со возило на итната помош во болница.
Лекарите утврдиле дека двајцата добиле полесни повреди.
Полицијата потврдила дека во моментот на експлозијата ниту еден од лиценцираните работници на фабриката не се наоѓал на локацијата.
Еден очевидец, кој во тој момент шетал кучиња во паркот „Кенеди Гроув“, го опишал настанот како застрашувачки.
„Бев во Кенеди Гроув со кучињата кога ја слушнав првата експлозија. Во почетокот помислив дека експлодирала плинска боца. Потоа, околу пет минути подоцна, следуваа уште три експлозии во брза низа.
Експлозиите беа толку силни што буквално почувствував како ударниот бран ми ја поместува косата, а сите дрвја околу нас се затресоа. Моите кучиња целосно се испаничија. Никогаш во животот не сум бил толку исплашен – за миг навистина помислив дека нè бомбардираат“, изјавил сведокот.
Тој додал дека во околината биле искршени прозорци, а на најмалку една зграда се урнал дел од фасадата.
Итните служби веднаш биле испратени на местото на настанот, додека надлежните институции продолжуваат да ја проценуваат штетата и да ги утврдуваат причините за несреќата.
Полицијата ги повика возачите да ја избегнуваат областа бидејќи сообраќајот е привремено запрен додека трае увидот и истрагата.






