Трибека фестивал (Tribeca Festival) важи за еден од најзначајните филмски фестивали во САД, каде еден од основачите е Роберт Де Ниро. Истиот настана како културен одговор на нападите од 11 септември. Препознатлив е по современиот независен филм, нови авторски гласови и силна врска со њујоршката филмска индустрија.
Филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума, е селектиран во категоријата International Narrative Competition, која е главна меѓународна натпреварувачка програма на фестивалот и го позиционира филмот пред њујоршката публика, меѓународната филмска јавност и индустрискиот круг на селектори.
Зад приказната за Адела, главната хероина во филмот, стои слика што Дума ја забележала во Скопје: девојче со скејтборд, облечено во традиционални шалвари, момент во кој се судираат детската слобода и наследените правила. Филмот не ја користи приказната за Адела како симбол, туку отвора жив, комплексен свет. Изграден одблизу, преку работа со заедницата во Шуто Оризари, реални локации и непрофесионални актери, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ избегнува поглед од дистанца и готови стереотипи. Наместо да ги сведува девојчињата на жртви, филмот ги следи како силни, ранливи и комплексни личности кои, и во ограничувачки околности, бараат начин да одлучуваат за себе.
Ова е втор игран филм на Дина Дума која со својот прв филм, „Сестри” имаше извонреден успех бидејќи беше избран од страна на најголемата платформа за филмови Нетфликс. „Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, продуцентка е Лабина Митевска, а копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото е на Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги се Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, а поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, „Еуримаж“, Creative Europe MEDIA и национални и регионални фондови од земјите копродуценти.






