понеделник, 1 јуни 2026

Македонската поезија претставена на меѓународната книжевна сцена во Бугарија

Проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, член на Друштво на писателите на Македонија и претседател на Македонско научно друштво (МНД), со поддршка на Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Софија, Бугарија ја претстави македонската поезија на „Свето слово“ во Бургас, соопштија од македонскиот КИЦ во Софија.

Објавено на

часот

Сподели

Со својот поетски настап, се наведува во соопштението на КИЦ – Софија, таа не само што го претстави сопственото творештво, туку достојно го пренесе богатството на современата македонска литература, испраќајќи силна порака за универзалната моќ на поетскиот збор да ги надминува границите и да ги зближува луѓето и културите.

„Една од најважните мисии на Македонскиот културно-информативен центар во Софија е афирмацијата на македонската култура, јазик и книжевност надвор од границите на татковината. Во таа насока, Македонскиот културно-информативен центар во Софија, континуирано дава поддршка на македонските поети и писатели кои со своето творештво ја претставуваат Македонија на меѓународни книжевни фестивали и културни манифестации во Бугарија“, се вели во соопштението.

Македонските автори, додаваат оттаму, не се само учесници на овие настани, туку тие се амбасадори на македонскиот јазик, чувари на културната меморија и носители на современата македонска мисла. Нивното присуство на меѓународните книжевни сцени придонесува за поголема видливост на македонската литература, за нејзино вреднување во европски и светски рамки и за создавање нови мостови на културна соработка и разбирање.

„За Македонскиот културно-информативен центар во Софија, секој настап на македонски автор на меѓународен фестивал е повеќе од културен настан – тоа е чин на претставување на националниот духовен идентитет, можност за градење нови книжевни партнерства и потврда дека македонската литература има свое значајно место во современите европски културни текови“, велат од КИЦ – Софија.

Токму затоа, додаваат оттаму, Центарот останува посветен на создавање нови можности за промоција на македонските поети и писатели, уверени дека преку нивните дела светот го запознава богатството на македонскиот јазик, длабочината на македонската духовност и живата творечка енергија на современата македонска книжевност. Секој нивни успех е успех и на македонската култура, а секој нивни стих е нов прозорец низ кој светот може да ја препознае и почувствува Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ