Одбележувањето на 30-годишнината на независноста во Кабинетот на претседателот, насловено како „Слоеви на современоста – 30 години независност низ уметностите“ претставува пресек на само скромен дел од уменичките белези, артикулирани низ визуелните, изведбените и музичките интерпретации.
Утре со почеток во 19 часот, претседателот Стево Пендаровски свечено ќе ја отвори изложбата „Ликовни блесоци“ на која ќе бидат претставени автори и дела кои се приказ за виталноста и автохтоноста на историското колективно постоење и дејствување. На изложбата во претседателскиот кабинет ќе бидат претставени дела на Димитар Пандилов Аврамовски, Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Љубомир Белогаски, Димитар Кондовски, Боро Митриќески, Петар Мазев, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Ристо Калчевски, сѐ до Ана Темкова, Родољуб Анастасов, Омер Калеши. Во рамки на изложбата ќе има и резиме на околу 143 автори кои имаа најголемо влијание во изминативе 30 години, а чии дела ќе бидат дигитално претставени. За време на настанот, млади уметници – студенти од Факултетот за ликовни уметности ќе изработуваат слика – мурал, што ќе биде донирана во хуманитарни цели, а ќе настапи и Долорес Поповиќ, актерка и композиторка. Изложбата ќе биде реализирана во соработка со Националната галерија на Македонија.
На 9 септември, четврток, со почеток во 20 часот, во Кабинетот на претседателот ќе се изведе перформанс „Везилка“, посветен ракопис на основоположникот на македонскиот современ јазик и македонските траги во современата книжевност и култура. Блаже Конески. Перформансот „Везилка“ се базира на драматуршки рекомпонирани стихови на Конески, но и делови од неговата проза, како и делови од разговорите со Цане Андреевски, а ќе го подготват и изведат: музичката група Фолтин, Трајанка Илиева Вељиќ – Таци, Ања Митиќ, Александар Степанулески, Никола Настоски, Ѓорѓе Јовановиќ и Зоја Бузалковска. Перформансот „Везилка“ се одржува во годината во која се одбележуваат 100 години од раѓањето на Блаже Конески, втемелувачот на современата македонска филологија, лингвистика, литература и култура. Претседателот Стево Пендаровски е покровител на манифестацијата „2021-Година во чест на Блаже Конески“.
На 10 септември, петок, со почеток во 20 часот, во Кабинетот на претседателот ќе се одржи концерт на кој ќе настапат солисти, квартет и фолклорен квинтет, сочинети од ученици од музичкото училиште „Илија Николовски – Луј“, како и детскиот хор „Пиколо“ под диригентската палка на Весна Димчевска.





