Креативниот туризам се смета за новата генерација на туризам. Што вклучува креативниот туризам?
– Креативниот туризам е шанса Македонија да ја претвори својата културна и уметничка разноликост во живо искуство што ги поврзува луѓето, идеите и времињата. Нашата визија е да создадеме туристички модел што не ја нуди само убавината на нашите простори, туку ја споделува душата на нашите традиции, преку креативност, иновација и искрена соработка со локалните заедници.
Веруваме дека иднината на туризмот во Македонија е токму во тој спој меѓу старото и новото, меѓу традицијата и современите креативни индустрии. Замислуваме дестинации каде што посетителите не само што ќе ги гледаат нашите културни богатства, туку и ќе ги живеат: ќе учат да ткаат охридски вез, ќе создаваат современи дела инспирирани од старите мајстори или ќе готват традиционални јадења со свој, модерен печат.
Таквиот пристап не само што го прави туристичкото искуство подлабоко и поисполнето, туку ја зајакнува и локалната економија, ја поттикнува младинската креативност и отвора простор за нови креативни бизниси. Сакаме Македонија да биде препознатлива како отворена сцена на култура и креативност, место каде што секој посетител може да стане дел од нешто автентично, искрено и живо.
За нас, креативниот туризам не е само тренд. Тој е визија, пат кон одржлив развој што ја негува нашата културна уникатност и ја претвора во современ двигател на националниот идентитет и економски раст.
Како преку креативниот туризам се промовира автентичноста на дестинацијата и локалната култура?
– Креативниот туризам ја претставува Македонија како земја на живи традиции и културна разноликост, каде што автентичноста не се чува само зад стакло во музеите, туку се доживува во секојдневието на луѓето. Тој го става човекот во центарот на културата, уметниците, занаетчиите, музичарите, готвачите, сите оние што преку својата креативност ја пренесуваат душата на местото од коешто доаѓаат.
Овој пристап ја оживува традицијата, ја претвора во доживување, во интерактивно искуство со современ израз. Кога туристот во Крушево учествува во работилница за иконопис, кога во Охрид сам создава парче филигран, или во Кратово учи како се подготвува локално јадење, тој не е само посетител. Тој станува дел од културниот живот на Македонија. Тоа е автентичност што се чувствува со сите сетила, а не само да се гледа.
Нашата цел како Министерство е да создадеме вистинска синергија меѓу туризмот, културата и креативните индустрии, место каде што традицијата и современото не се спротивставуваат, туку се надополнуваат. Кога занаетчиството ќе се спои со дизајнот, архитектурата со технологијата, а музиката со новите медиуми, тогаш се раѓа производ што ја носи вистинската културна енергија на Македонија.
Веќе имаме силни примери за тоа – Вевчанскиот карневал, Галичката свадба, ликовните колонии… Сите тие се жив доказ дека кога заедницата, традицијата и уметноста ќе се спојат, се создава нешто исклучително, неповторливо и длабоко човечко.
Нашата визија е Македонија да стане регионален центар на креативен туризам, земја каде што секоја дестинација ја раскажува својата приказна преку живо искуство. Место каде што туристот не само што гледа, туку создава, учествува и заминува инспириран со понесен дел од нашата културна душа.

Кои се придобивките од практикувањето на креативниот туризам?
– Креативниот туризам носи нова перспектива за развој на туризмот во Македонија, премин од масовен кон одржлив, од стандардизиран кон автентичен. Тој гради економија што се темели врз креативноста, човечкиот потенцијал и локалните вредности, врз сето она што ја прави нашата земја посебна.
Преку креативниот туризам се поттикнува локалниот економски раст, се отвораат можности за нови мали бизниси, се оживуваат традиционалните занаети, а младите и жените добиваат нови шанси за претприемништво. Она што е најважно, приходите остануваат во заедницата. Така туризмот не е само бројка во статистика, туку станува вистински двигател на локалниот развој и клуч за ревитализација на руралните средини.
Денешната економија не може да се гледа изолирано. Таа е резултат на многу фактори: туризмот, културата, претприемништвото, заштитата на културното наследство. Само кога сите тие ќе се најдат во рамнотежа, можеме да зборуваме за вистински, одржлив раст.
Како економска гранка, туризмот има силен потенцијал да се претвори во стратегиски инструмент за развој, особено кога ќе се поврзе со креативните индустрии, руралниот туризам, културните содржини и дигиталната трансформација. А културата, пак, останува наш темелен столб на идентитетот и извор на инспирација, иновација и меѓународна соработка.
Преку дигитализација, теренски истражувања, археолошки проекти и отворени музеи, Македонија има можност да ја напише својата автентична, современа културна приказна, приказна што ќе ја прикаже како дестинација која нуди искуство, не само престој.
Во суштина, креативниот туризам е нашата шанса да ги споиме економијата со културата, минатото со иднината, и да изградиме модел на развој што ќе ја претвори Македонија во жив симбол на креативност и автентичност на европската туристичка мапа.

Како културата и туризмот можат да соработуваат преку креативните индустрии?
– Соработката меѓу културата и туризмот, преку креативните индустрии, е суштината на новиот туристички модел што го градиме. Клучот лежи во интегрирани проекти и вистински партнерства меѓу културните институции, туристичките оператори и локалните заедници, модели што создаваат живи, човечки искуства за посетителите.
Денес туристите не сакаат само да гледаат, тие сакаат да доживеат, да учествуваат, да создадат спомени што ќе ги носат со себе долго време по заминувањето. Македонија го нуди токму тоа: автентичност што се чувствува и се живее. Тука можеш да јаваш коњ по живописни патеки, да заиграш македонско оро во дворот на старо село во Лазарополе, или да изработиш керамички сад во Велес, воден од рацете на локален мајстор. Во Охрид можеш да везеш традиционални орнаменти со современ израз, да се фотографираш во народна носија во етнографски амбиент или да се приклучиш во подготовка на локални специјалитети од охридска пастрмка до традиционалното ѓомлезе и пити, толку препознатливи, но со свеж, модерен вкус и поинаква осмислена презентација.
Секое од овие искуства не е само активност, тоа е мал свет на емоции и приказни. Момент кога посетителот станува дел од културниот пулс на земјата. Тука минатото се среќава со сегашноста, традицијата со иновацијата, а секој доживеан миг станува спомен што остава трага. Токму таа емоционална врска со дестинацијата е суштината на креативниот туризам, искуство што се памети, а не сувенир што се купува.
Ќе се стремиме кон нов пристап за музеите, галериите и фестивалите да ги претвориме во живи, интерактивни простори со едукативни, мултимедијални и дигитални содржини. Наместо пасивно набљудување, посетителите ќе можат да допрат, да создадат, да споделат.
Она што ја издвојува Македонија е нејзината длабока човечка топлина и природниот спој меѓу старото и новото. Кај нас традицијата не е само спомен, таа е начин на живот. На мала географска површина се собрани неверојатни културни разлики: музика и обичаи што се менуваат од место до место, пејзажи што изгледаат како сцени од филм и луѓе кои со искрена насмевка ги отвораат вратите на своите домови.
Со развојот на креативните индустрии, оваа разноликост може да стане најсилниот адут на македонскиот туризам, приказна што ќе ја раскажуваме на светот преку уметност, дизајн, гастрономија и технологија. Нашата цел е Македонија да биде дестинација што не се посетува, туку се доживува нејзината душа.
Каква е улогата на дигиталната промоција и креативнот рекламирање?
– Дигиталната ера не е само технолошки феномен – таа е нова сцена преку која културата може повторно да „оживее“, на начини што до вчера изгледаа невозможни. Креативните индустрии, филмот, дизајнот, анимацијата, виртуелната и зголемената реалност ни овозможуваат да ја раскажеме нашата историја и традиција со современ јазик, јазик што зборува директно до човекот на денешницата.
Замислете виртуелна прошетка низ Галичник во време на карневалот, 3D-реконструкции на антички локалитети што се „будат“ пред очите, или мобилни апликации што ве водат низ локалните приказни и обичаи, со гласови на луѓето што таму живеат. Ова не се само технологии, туку нов начин на доживување, каде што минатото и сегашноста се среќаваат, а културното наследство станува интерактивно, живо и достапно за секого.
Таквиот пристап не само што ја збогатува туристичката понуда, особено за младата дигитална публика, туку отвора и целосно нови економски можности за креативните сектори, од дигитални медиуми и современа уметност, до интерактивни продукти и искуства.
Во суштина, дигиталната промоција и креативниот маркетинг се мостот преку кој Македонија може да ја претстави својата културна автентичност пред светот на модерен, привлечен и одржлив начин. Така, нашата култура не само што ќе се зачува, туку ќе продолжи да живее, инспирирана, современа и блиска до секој што ќе ја допре.
Како гејминг индустријата може да стане двигател на креативниот туризам во Македонија и да придонесе кон развој на културната и економската сцена на земјата?
– Гејминг-индустријата претставува совршен спој на технологија, уметност и наратив, што ја прави природен сојузник на креативниот туризам. Преку развојот на видеоигри инспирирани од македонската култура, историја и митологија, ние можеме да создадеме глобална препознатливост и интерес за нашата земја. Замислете видеоигра во која играчите откриваат светови инспирирани од Тетово, Штип или Кокино, тоа е нов начин на промоција на културното наследство, кој може да поттикне љубопитност и реална посета.
Дополнително, во Македонија се одржа првата интернационална конференција „Game Dev Rev“, чија цел е да придонесе за позиционирање на Скопје и Македонија како регионален центар за дигитална креативност и културен туризам.
Со поддршка од институциите и преку поврзување на младите креативци со меѓународната сцена, гејминг-индустријата може да стане двигател на една нова, модерна слика за Македонија, држава што не само што ја чува својата култура, туку и ја претвора во интерактивно искуство што го освојува светот.
Која е улогата според Вас на транзитниот туризам?
– Транзитниот туризам може да прерасне во значаен двигател на културниот развој и туристичката понуда на Македонија. Наместо земјата да биде само траса низ која патниците поминуваат, таа може да стане дестинација што ги инспирира да застанат, да ја истражат и да ја доживеат.
Патувањето по автопатот Е-75, кој минува низ срцето на Македонија, овозможува поврзување на патниците со многубројни природни и културни богатства. На само неколку стотици метри од трасата се наоѓа еден од најзначајните археолошки локалитети во земјата, Стоби, древен град кој сведочи за богатото историско и цивилизациско наследство на овој регион. Организирани кратки тури, дигитални водичи и тематски настани би можеле да го направат Стоби природна станица за сите што патуваат низ Македонија.
Дополнително, по должината на автопатот би можеле да се создадат мини центри за локална култура, пазари со традиционални производи, уметнички перформанси, гастрономски дегустации или интерактивни изложби кои го претставуваат регионалниот идентитет. Таквите содржини не само што го збогатуваат патувањето, туку и поттикнуваат развој на туризмот поврзан со културното наследство, создавајќи нови можности за локалните заедници.
На тој начин, транзитниот туризам станува повеќе од минување – тој се претвора во покана за истражување, во можност патниците да ја доживеат Македонија како земја на приказни, култура и автентични искуства.
П.Р.






