Сега тој дух од минатото е оживеан преку две специјални изданија: БМВ 325иС омаж и БМВ 333и омаж. За жал, овие специјални верзии ќе бидат произведени во ограничени серии од по 33 примероци. Уште полошо, сите примероци се резервирани за јужноафриканскиот пазар каде што „коцката“ на БМВ од секогаш била обожавана.

БМВ 325иС омаж е базиран на M240и иксдрајв, а има двојни задни спојлери и 20-инчни М перформанс бандажи со ретро изглед кој потсетува на оригиналот од осумдесеттите години. Автомобилот има и преден сплитер, црни рачки во контраст со каросеријата, како и M спорт про пакет и M перформанс издувен систем.

Внатрешноста добива спортски M спорт седишта со контрастни шевови и централен потпирач за грб покриен со Уберкаро тартан ткаенина, истиот дезен кој се појавуваше на спортските модели на E30 како 318иС, 320иС и оригиналниот 325иС.

Специјална значка на конзолата ги носи натписите „Роден за патеката“ и „Специјално изработен за Јужна Африка“, потсетувајќи дека ова е уникатно, локално инспирирано издание.

Под хаубата се наоѓа добро познатиот 3,0-литарски шестцилиндричен мотор твинпауер турбо со 387 коњски сили, како и вртежен момент од 500 њутнметри, што му обезбедува на автомобилот врвни перформанси. Доволно е да се каже дека забрзува до 100 км/ч за 4,3 секунди.

Моделот 333и омаж е базиран на БМВ М2, па затоа е порадикален автомобил. Има ретро графика, 20-инчни бандажи Алпина, карбонски сплитер и заден спојлер и четирикратен M перформанс издувен систем.

Внатрешноста ги носи истите детали како и 325иС омаж, но и дополнителна доза на спортски карактер благодарение на карбонските школка седишта.

Под хаубата се наоѓа 3,0-литарски твинпауер турбобензинец со дури 480 коњски сили и вртежен момент од 600 њутнметри. Моќта се пренесува на задните тркала, а забрзувањето до 100 км/ч трае точно 4 секунди.

Овие модели им оддаваат почит на оригиналните BMW 325иС и 333и, автомобили родени благодарение на исклучителната независност на јужноафриканската подружница на БМВ во текот на 1980-тите и 1990-тите.

Тогаш локалните инженери дејствувале речиси како независен креативен тим, создавајќи проекти од страст, а не само по упатствата од Минхен.
Моделот 325иС беше развиен за трки во Групата Н, каде што се бараа вистински перформанси, додека 333и беше создаден како одговор на тогаш недостапниот прв БМВ M3. Резултатот се два автомобили кои станаа икони на јужноафриканската автомобилска култура.

И двата модели ќе се продаваат исклучиво преку онлајн аукција, а заинтересираните купувачи можат да се регистрираат уште сега. Сите приходи ќе бидат донирани на една од пет добротворни организации по избор на купувачот.

Купувачите мора да се обврзат дека нема да го продаваат или префрлаат возилото во туѓа сопственост најмалку една година.
Аукцијата почнува на 21 октомври 2025 година, со почетни цени од 72.100 евра за 325иС омаж и 98.100 евра за 333и омаж.






