„Живееме со војна веднаш до нас и во предвоено време. Ја имам предвид глобалната димензија. Овој глобален конфликт веќе се одвива, всушност се раѓа пред наши очи и има многу конкретни последици во нашиот секојдневен живот“, рече премиерот Туск во интервју за полската приватна телевизија ТВН24.
Туск рече дека се обидува да биде што е можно потрезвен кога ги опишува денешницата и утрешнината, бидејќи како што рече, 2027 година, кога се проценува дека Русија би можела да биде подготвена да го нападне НАТО, е веќе утре.
„За неколку недели, Русија ќе одржи многу големи, агресивни воени маневри во Белорусија. Од наша страна, ние ќе ги одржиме нашите контраманеври заедно со Американците и другите сојузници. Сето ова се многу сериозни прашања“, рече Туск.
Доналд Туск спомена, без да навлегува во детали, дека полските безбедносни служби и денес спроведувале операции за спречување на нови закани и хибридни напади од Русија и Белорусија.
Вчера, полскиот премиер објави дека полските служби досега уапсиле 32 лица осомничени за соработка со руските разузнавачки служби во разни хибридни напади како што се сајбер напади и подметнување пожари, а во тие напади ги вклучи и обидите за дестабилизација на границите, како и попречување на полските граничари и полицајци да ја вршат својата работа.
„Го кажувам ова за да ги отрезнам некои политичари. Радикалните од различни страни на политичката сцена. Оние кои се обидуваат да ја парализираат работата на нашата Гранична стража, се маскираат како бранители на границите и всушност ја дезорганизираат работата на државата – тие работат многу лошо. Или корисно, но за Русија, не за Полска“, рече Туск.
Полскиот премиер ги обвини лидерите на полската опозициска десница и самопрогласените нелегални граѓански патроли на границите со Германија, кои тврдат дека ја спречуваат Германија наводно да ја преплави Полска со илјадници муслимански мигранти што не ги сака кај себе, дека не направиле ништо за навистина да ги обезбедат границите од миграција додека биле на власт.
„Кога денес ги гледате господата Качински, Менцен, Босак, Бонкевич, Браун, тие водат крвава меѓусебна војна на десницата за тоа кој е најмногу против мигрантите. Тие не направија ништо за да ја заштитат Полска од нелегалната миграција, ништо. Напротив“, рече Туск.
Полскиот премиер ги обвини Јарослав Качински и неговата опозициска конзервативна партија „Закон и правда“ дека, во текот на нивните осум години на власт до есента 2023 година, на стотици илјади мигранти од Азија и Африка, кои сега опозициската десница ги напаѓа, им овозможиле да добијат легални визи, со корупција.
„Сакам да продолжам да бидам лидер на голем политички центар, за потребата од заштита на границите да не се поврзува со омраза и презир кон другите“, рече Туск.






