недела, 7 јуни 2026

Трамп ненадејно прекина интервју на телевизија (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп го прекина интервјуто со водителката Кристен Велкер на Ен-би-си по жестоката расправија во која таа побара од него докази за тврдењата за наместени избори во 2020 година и за наводни нерегуларности при пребројувањето на гласовите во Калифорнија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Интервјуто, што се најавуваше со големо внимание, беше снимено во петокот за време на посетата на Трамп на Висконсин, и беше емитувано во неделата.

Се чинеше дека Трамп станува сè понервозен додека го бранеше создавањето на фонд од 1,8 милијарди долари за „борба против злоупотребата на власта“, што Министерството за правда го формираше како дел од спогодбата во неговата тужба со Даночната администрација. Вршителот на должноста јавен обвинител Тод Бланш им рече на пратениците минатата недела дека министерството ќе се повлече од фондот поради спротивставувањето на двете партии.

Трамп го бранеше фондот во интервјуто и одби да објасни дали лицата осудени за напад на полицајци за време на упадот на Капитол на 6 јануари 2021 година ќе имаат право на компензација.

„Дали мислите дека секој што нападна полицајци на 6 јануари треба да добие пари од даночните обврзници?“ праша Велкер.

„Не би се согласил со тоа, но морам да видам за што се работи. Ќе ви го кажам ова: 97 отсто од тие луѓе, погледнете ги, ФБИ или кој и да е, бидејќи имавте многу валкани полицајци. Коми беше валкан полицаец“, одговори Трамп.

Велкер одговори дека „нема докази“ за таквите тврдења и дека 170 луѓе ја признале вината за напад на полицајци. Таа повтори дека „нема докази“ дури и кога Трамп сугерираше дека нападот на 6 јануари е внатрешна работа оркестрирана од ФБИ.

„Тие се изјаснија за виновни затоа што беа исплашени. Попуштија. Ги внесоа во зградата. Многумина беа уапсени дури и без да влезат во зградата“, рече Трамп.

На повтореното прашање дали ќе се согласи овие луѓе да добијат пари од даночните обврзници, Трамп рече: „Овие луѓе беа уништени од валкани полицајци и злоупотреба на власта. Многу од нив треба да бидат обесштетени. Но, колку што разбрав, фондот за борба против злоупотребата на власта требаше да биде основан од група чесни и паметни луѓе, кои може да ги избере секој, и тие ќе работат на индивидуална основа, од случај на случај“.

Додека Велкер инсистираше на тоа дека „нема докази“, Трамп тврдеше дека има „огромни“ докази. Потоа се осврна на 2020 година. „Изборите беа наместени. Тие беа валкани избори“, изјави тој.

Водителката повторно му се спротивстави за недостигот на докази, на што тој тврдеше дека во моментов изборите се местат во Калифорнија. Таа држава сè уште ги брои гласовите од своите предизбори, но официјалните лица велат дека тоа е поради големиот број гласачки ливчиња испратени по пошта. Законот во Калифорнија дозволува гласачките ливчиња да се испраќаат по пошта се до денот на изборите.

Кога Велкер го притисна да даде докази за местење на изборите во Калифорнија, Трамп рече: „Доволно е да погледнам“.

„Но, господине, тоа не е доказ, и така се бројат гласовите во Калифорнија“, возврати Велкер.

По кратка понатамошна расправа, Трамп рече: „Тие се расипани исто како што си и ти расипана, вашите медиуми се расипани. И ‘Запознајте го печатот’ е расипан“.

„Да бидеме искрени, не сум расипана. Но, да продолжиме понатаму“, одговори Велкер.

Сепак, нервозата на Трамп растеше. „Изборите ви се расипани и ти си расипана, и вашата емисија е расипана“, продолжи тој, додека водителката се обидуваше да го прекине.

„Вие сте еднострана, корумпирана телевизија. Или си расипана или си глупава. Но, да прекинеме. Доста ми беше. Ти благодарам драга моја“, рече Трамп, го извади микрофонот, размени уште неколку зборови со водителката, стана и си замина.

Додека Велкер дофрли дека допатувала сè до Висконсин, Трамп сè уште можеше да се слушне како вели: „Седам со тебе на дожд веќе еден час. Врне, па не врне и ви дадов повеќе од доволно време. Треба да ги средите своите медиуми, бидејќи знаете што? Една земја никогаш не може да биде голема со нечесни медиуми“.

„Дојдовме дури до Висконсин за ова интервју“, повтори Велкер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ