четврток, 28 мај 2026

Сопругата на Бајден: Мислев дека Џо ќе добие мозочен удар за време на дебатата со Трамп

Поранешната прва дама на САД Џил Бајден откри дека мислела дека нејзиниот сопруг, тогашниот претседател Џо Бајден, доживува мозочен удар за време на неславната претседателска дебата во 2024 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По лошиот настап против републиканскиот кандидат Доналд Трамп, Бајден се соочи со силен притисок во Демократската партија да се повлече од претседателската трка, што на крајот и го направи, пишува Би-би-си.

„Бев преплашена бидејќи никогаш порано, а ни потоа, го немав видено Џо таков. Никогаш“, изјави Џил Бајден за Си-би-ес њуз. „Не знам што се случи. Додека гледав, си помислив: ‘О, Боже, добива мозочен удар’. Тоа ме исплаши до смрт.“

Интервјуто на поранешната прва дама за Си-би-ес ќе се емитува оваа недела. Џил Бајден е покрај својот сопруг со децении, од неговите денови како сенатор од Делавер до претседателскиот мандат. Таа се смета за негов највлијателен советник и беше меѓу оние кои на крајот го охрабрија да се откаже од трката во 2024 година.

По дебатата одржана во јуни 2024 година, само неколку месеци пред претседателските избори, меѓу демократите завладеа вознемиреност поради несигурниот настап на претседателот. И покрај ова, кампањата на Бајден во тоа време инсистираше дека тој нема да се откаже од кандидатурата и дека повторно ќе се соочи со Доналд Трамп.

За време на дебатата, во која двајцата бараа втор мандат, Бајден и Трамп се судрија околу клучни прашања како што се имиграцијата, економијата и правото на абортус. Сепак, „бавниот почеток“ на Бајден, како што го нарече неговата тогашна потпретседателка Камала Харис, ги загрижи партиските лидери.

Бајден имаше зарипнат глас, што неговиот тим го припиша на болест, и во еден момент се чинеше дека го изгуби текот на мислите. Загриженоста на гласачите за неговото здравје, менталната острина и возраста – тој имаше 81 година во тоа време – веќе беше тежок товар пред дебатата.

Аналитичарите во повеќето големи американски медиуми остро го критикуваа претседателот, фрлајќи сомнеж врз неговата способност да ја врши должноста, како и врз неговите перспективи на изборите во ноември 2024 година. Првично се сметаше дека е малку веројатно дека актуелниот претседател ќе биде заменет како кандидат на партијата само неколку месеци пред изборите, бидејќи комплицираниот процес на избор на нов кандидат се сметаше за преголем ризик.

Сепак, лошиот настап на дебатата, заедно со гафовите на самитот на НАТО во неделите што следеа и слабиот изглед откако му беше дијагностициран ковид, на крајот ја завршија неговата кандидатура. Харис ја обезбеди номинацијата на демократите околу три месеци пред изборите, но на крајот загуби од Трамп.

По нејзиниот изборен пораз, Харис го критикуваше својот поранешен шеф во своите мемоари, нарекувајќи ја одлуката на Бајден да се кандидира за втор мандат „непромисленост“.

„’Тоа е одлука на Џо и Џил’. Сите постојано го повторувавме тоа, како мантра, како да бевме хипнотизирани“, напиша Харис. „Дали беше милост или непромисленост? Гледајќи наназад, мислам дека беше непромисленост “.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ