Државниот секретар Кшиштоф Болеста изјави на Форумот за енергија и клима во Брисел дека ЕУ се движи пребрзо кон укинување на бесплатните дозволи за загадување за тешката индустрија, во некои случаи намалувајќи ги за половина, објави Политико.
„Лудо е. Не зборуваме за една гранка на индустријата, туку за значителен број. Затоа ова е нешто што навистина треба да го промениме“, рече Болеста. Тој додаде дека сегашната траекторија ќе ѝ даде на ЕУ „морална супериорност, но ќе останеме без индустрија“.
Ревизија на ЕТС системот треба да биде спроведена во јули. Тогаш се очекува Европската комисија да ја ублажи својата траекторија и да ѝ дозволи на индустријата да емитува поголема количина јаглерод диоксид, како одговор на интензивното лобирање од индустриските кругови и некои земји-членки.
„Безброј пати разговарав со луѓе од индустријата ширум светот и сите ме прашаа: „Што правите? Лудо е тоа што го правите со референтните вредности и индустриската климатска политика“, рече Болеста, кој работел во одделот на Комисијата за енергетика пред да влезе во полската политика.
Комесарот на ЕУ за клима, Вопке Хоекстра, веќе објави дека Комисијата е отворена за продолжување на периодот со повеќе бесплатни дозволи. Сепак, тој навести дека ова може да дојде со одредени услови за европската индустрија, која ќе мора да докаже, на пример, дека инвестира во декарбонизација на своите процеси.






