четврток, 9 јули 2026

Ормус ги држи САД и Иран заглавени во вителот на одмазднички напади

Трамп сака што е можно побрзо да ја обнови пловидбата низ клучниот теснец и да ја ублажи енергетската криза, но наидува на отпор од Техеран, кој не сака да ја изгуби контролата над своето „златно оружје“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Привремениот договор меѓу Соединетите Американски Држави и Иран за повторно отворање на Ормускиот теснец и продолжување на прекинот на огнот требаше да овозможи непречен премин на бродовите и проток на нафта, но три и пол недели подоцна пловидбата низ тој клучен енергетски коридор се одвива неуредно, кревко и со чести застои, пишува Фајненшл тајмс.

Откако минатиот месец објави дека теснецот ќе биде отворен „без такси“, американскиот претседател Доналд Трамп им порача на „бродовите на светот“ да ги „запалат моторите“, со пораката: „Нека тече нафтата“. Сепак, тој витален поморски пат и понатаму останува главна точка на спор.

По најновата размена на напади меѓу САД и Иран, Трамп изјави дека верува оти нивниот кревок прекин на огнот „е завршен“, но подоцна рече дека не мисли оти ќе избие војна од целосни размери со Иран.

„Не мислам дека повторно ќе почне. Мислам дека ќе заврши многу брзо. Тие погодија неколку бродови, па ние ги погодивме многу посилно“, им рече Трамп на новинарите во Анкара по самитот на НАТО.

„Што и да се случи, ќе заврши многу брзо… и само ќе ги направи работите побезбедни, вклучително и за нафтата“, рече тој.

Посредниците се обидуваат да го задржат дипломатскиот процес на вистинскиот колосек, изјавило за Фајненшл тајмс лице запознаено со прашањето. Меѓутоа, нивната задача постојано ја отежнуваат две спротивставени сили: настојувањето на Трамп бродовите што побрзо да почнат да пловат низ теснецот за да се ублажи енергетската криза во пресрет на американските избори за Конгресот на средината од мандатот, и отпорот на Иран кон какво било слабеење на неговата контрола врз тој поморски пат.

Тоа ги воведе завојуваните страни во постојани циклуси на меѓусебни напади. Секојпат кога Иран гаѓа бродови што не ги користат рутите што ги сака Техеран, САД возвраќаат со напади врз Исламската Република, а Техеран повторно возвраќа.

Порано ваквите судири беа ограничени, но тие постојано го поткопуваат кревкиот прекин на огнот од 8 април, привремениот договор потпишан на 17 јуни и дипломатските напори за посредување во постигнување трајно решение, наведува Фајненшл тајмс.

Контролата врз Ормускиот Теснец – кој Иран никогаш не го затвори пред САД и Израел на 28 февруари да ја почнат војната – за Техеран стана „златно оружје“, поради кое е подготвен да ризикува нова ескалација со САД, и поголем приоритет од нуклеарната програма, поради која со децении трпи санкции, оценува „Ројтерс“.

Високиот ирански преговарач, претседателот на парламентот Мохамед Багер Галибаф, вчера ги обвини САД дека го прекршуваат договорот за прекин на огнот.

„Ерата на заплашување и изнуда заврши“, напиша Галибаф на Икс. „Нема да попуштиме.“

Техеран сега не сака да се откаже од клучната карта што ја има во преговорите, кои треба да бидат насочени кон конечно решение.

„Иран не сака да се откаже од влијанието што го има врз теснецот, своето оружје за масовно нарушување, пред да биде постигнат поширок договор за американско економско олеснување“, изјави за Фајненшл тајмс Ели Геранмаје од Европскиот совет за надворешни односи.

„За Трамп, повторното отворање на теснецот е во сржта на меморандумот за разбирање – и без тоа ќе биде под огромен притисок од републиканските јастреби повторно да ја обнови војната со Иран.“

Таа додаде:

„Двете страни требаше да договорат заемно прифатлив протокол за теснецот пред да го потпишат меморандумот за разбирање.

Колку подолго трае отсуството на таков договор, толку повеќе теснецот останува блокиран, а веројатноста Вашингтон и Техеран повторно да се вратат во војна станува поголема.“

Според меморандумот за разбирање потпишан минатиот месец, Техеран се согласил во текот на 60-дневното продолжување на прекинот на огнот од 8 април да им дозволи на бродовите да минуваат низ теснецот без наплата.

За возврат, САД требало да ја укинат поморската блокада на иранските пристаништа. Иран во рок од 30 дена требало да ги отстрани мините од теснецот, а сообраќајот постепено да се врати на нивото пред војната.

Како финансиски поттик, САД му одобриле на Техеран изземање што му овозможува суровата нафта и производите поврзани со нафтата да ги продава во долари.

Меѓутоа, Техеран соопштил дека во иднина ќе воведе надоместоци. Кревкиот договор брзо бил ставен на тест, откако Техеран инсистирал бродовите да користат рута блиску до неговиот брег, каде што може да го надгледува сообраќајот низ поморскиот пат низ кој пред војната минувале околу една петтина од светската нафта и течниот природен гас.

САД, пак, ги поттикнуваа пловилата да минуваат блиску до брегот на Оман, чии територијални води се протегаат низ тој поморски пат. Тоа им овозможи на американските воени авиони од крајот на мај да обезбедуваат воздушна заштита на бродовите.

Појавата на алтернативната рута го фрустрираше Техеран бидејќи ја намали неговата контрола, рекол дипломат запознаен со прашањето.

Тие тензии избиле на површина само неколку дена откако американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на 21 јуни предводеше делегација во Швајцарија на првата рунда разговори на високо ниво за конечно решение, вклучително и договор за нуклеарната програма на Исламската Република.

Страните се договорија да воспостават директна линија за да се избегнат инциденти во теснецот, да се спречат недоразбирања и да се координира пловидбата додека се отстрануваат мините.

Меѓутоа, Иран веќе по неколку дена отвори оган врз еден брод, предупредувајќи ги пловилата да не користат, како што ги нарече, неовластени рути, што, според Фајненшл тајмс, предизвика нов циклус одмазднички напади. Завојуваните страни потоа минатата недела одржаа повеќедневни разговори во Катар, еден од главните посредници.

Тие разговори биле насочени кон теснецот, бидејќи споровите околу тој поморски пат го одвлекуваа вниманието од и онака тешките дипломатски напори во рамките на 60-дневното продолжување на прекинот на огнот да се постигне напредок за нуклеарниот договор.

Посредниците верувале дека постигнале мал напредок. Меѓутоа, потоа избија најновите напади, дополнително вознемирувајќи ја и онака нервозната бродска индустрија. Дури и пред тоа, бродските компании предупредуваа дека ќе биде потребно време за да се врати довербата и да се намалат осигурителните премии.

Најновите напади дополнително ја засилиле загриженоста за безбедноста, при што податоците за бродскиот сообраќај покажуваат дека најмалку четири танкери за нафта и гас се вратиле назад наместо да се обидат да минат низ тој витален снабдувачки правец, пренесе „Ројтерс“.

Фјучерсите на суровата нафта „брент“ вчера скокнаа за повеќе од пет проценти, што е најголем дневен раст од крајот на мај, достигнувајќи 78,48 долари за барел.

Иако тоа е значително под 120 долари, колку што изнесуваше цената во пикот на борбите, сепак е доволно да внесе нов инфлациски ризик на пазарот на обврзници, особено затоа што повеќемесечниот конфликт ги намали глобалните резерви на нафта.

Се очекуваше разговорите меѓу САД и Иран да продолжат на 12 јули, по завршувањето на повеќедневниот погреб на убиениот ирански врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој се одржува оваа недела.

Меѓутоа, не беше јасно дали тие разговори сега ќе продолжат. Трамп во средата изјави дека преговарачите „можат да разговараат, но мислам дека само губат време“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ