четврток, 9 јули 2026

„Лажеа дење-ноќе“: црн екран и извинување на пропагандната телевизија на Орбан

Реформата на унгарскиот јавен сервис почна со извинување емитувано на црна позадина. Новата влада на Петер Маѓар демонтира еден од клучните инструменти на власта на Виктор Орбан, пишува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Криминални арапски и африкански мигранти силуваат беспомошни унгарски девојчиња. Американски милијардер со унгарско-еврејско потекло го уништува христијанскиот идентитет на Унгарија. Европската Унија ги индоктринира децата со „ЛГБТК пропаганда“. Украинската мафијашка држава има намера да ја жртвува младата генерација на Унгарија во војна и да ограби милиони унгарски пензионери.

Такви дезинформации, кои со години ги емитуваа унгарските јавни медиуми под Виктор Орбан, беа без преседан во Европската Унија. Во ниту една друга земја членка во последните неколку децении јавните медиуми не ширеа толку големо количество лаги, омраза и пропаганда. Некои елементи потсетуваа на фашистичката и антисемитската пропаганда од меѓувоениот период, додека други беа своевиден одраз на руските државни медиуми.

Сега тоа време заврши.

Во вторникот, на 7 јули 2026 година, во 16 часот, екранот на информативниот канал М1 се затемни. Се појави бел текст на кој пишуваше:

„Јавните медиуми не смеат да лажат. Се извинуваме што го правевме тоа со години. Јавните медиуми сега се преструктурираат за во иднина да се обезбедат независност и кредибилитет. Емитувањето на вестите е привремено прекинато. Следете нè!“

Паралелно со ова извинување и соопштение, беа прекинати сите информативни емисии и сите политички програми на унгарското јавно радио и телевизија. Политичките вести засега се достапни само на интернет-страницата на новинската агенција МТИ, која исто така е дел од медиумскиот холдинг МТВА.

„Лажеа дење-ноќе“

Ова е историски момент за Унгарија. Дури ни во 1989–1990 година, кога заврши комунистичката диктатура и започна преминот кон нов политички систем, на тогашниот државен радиодифузер не се случи нешто слично.

Во вторникот унгарскиот премиер Петер Маѓар напиша на Фејсбук:

„Историски ден. Денес завршува емитувањето на пропагандата во јавните медиуми. Лажеа дење-ноќе, на сите канали. Тоа сега е готово.“

Во вторникот не остана само на црниот екран и извинувањето. Клучните личности на каналот М1 беа принудени да ги напуштат своите функции. Меѓу отпуштените е и директорот на М1, Жолт Немет, познат по прекарот „Питбул“ поради неговиот исклучително агресивен и конфронтирачки стил. Отпуштени се и поголем дел од програмските директори, како и уредниците на поединечни емисии.

Симболично време

По нешто помалку од четири часа црн екран, М1 во вторникот вечерта точно во 19:56 часот започна нова програма.

Тоа е симболично време во чест на антикомунистичката и антисоветската револуција од 1956 година, која беше брутално задушена по инвазијата на советските трупи.

Од 19:56 часот беше емитуван унгарската филмска класика „Сведок“ (1979) – легендарна политичка сатира за унгарскиот сталинизам, која ги прикажува неговата суровост и апсурдните пропагандни лаги.

Црната позадина со извинувањето засега останува видлива на интернет-страницата на „Хирадо“, главната информативна емисија на М1.

Централно предизборно ветување

Радикалната реформа на унгарските јавни медиуми беше централно ветување во предизборната кампања на Петер Маѓар.

Дури и по изборната победа на неговата партија Тиса на 12 април, речиси немаше ден без тој жестоко да ги нападне јавните медиуми, нарекувајќи ги „фабрика за лаги“.

И тоа со добра причина.

Приказната за тоа како Орбан ги преобликуваше унгарските јавни медиуми – и поголем дел од приватните медиуми – за да ги усогласи со владината линија е едно од најмрачните поглавја од неговото владеење.

Набргу по изборната победа во пролетта 2010 година, Орбан го основа Националниот орган за медиуми и комуникации (НМХХ), регулаторно тело составено од луѓе лојални на владата.

Со новиот закон за медиуми ги стави јавните медиуми под контрола, а подоцна ги обедини во медиумскиот холдинг МТВА.

До 2011 година, поголем дел од независните новинари беа или отпуштени од јавните медиуми или си заминаа по сопствена волја.

Сатира емитувана како вистинска вест

Оттогаш, ознаката „јавен сервис“ беше само формалност.

Со текот на годините, медиумите во состав на МТВА сè повеќе се претвораа во инструмент што механички ги повторуваше пропагандните пораки на Орбан.

Во своите вести и политички емисии, М1 поттикнуваше непријателство кон Европската Унија, американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, организациите на граѓанското општество и независните новинари.

И покрај законската обврска да обезбедува избалансирано известување, опозициските политичари и независните гласови речиси целосно исчезнаа од програмите на МТВА.

Известувањето на М1 го достигна своето дно на 20 мај 2018 година.

Тој ден „Хирадо“ како вистинска вест објави текст од германската сатирична интернет-страница „Ноктара“, во кој се тврдеше дека германскиот град Есен за време на Рамазан бил преименуван во „Фастен“ („Пост“) како гест на добра волја кон муслиманите.

Целта била да се прикаже дека Германија им се потчинува на исламските мигранти.

Исправка никогаш не беше објавена.

По почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, каналите на МТВА дополнително ја засилија својата реторика.

Со очигледно извртување на улогите на агресорот и жртвата, тие создадоа паралелна реалност во која Украина беше претставувана како некаква „империја на злото“, додека без речиси никакви измени ја преземаа руската државна пропаганда.

Орбан примени сличен пристап и кон приватните унгарски медиуми.

Тие беа купувани од компании поврзани со олигарси, а потоа или беа ставани под контрола или затворани, како левичарскиот дневен весник „Непсабадшаг“ во 2016 година.

Медиумската епизода што потсетува на мафијашки филм се случи на 28 ноември 2018 година, кога претприемачи блиски до Орбан „ги донираа“ своите медиуми на новоформираната Централноевропска фондација за печат и медиуми (КЕСМА).

Вкупно беа префрлени 476 телевизиски, радио, печатени и интернет-медиуми, со што беше опфатен речиси целиот провладин приватен медиумски пазар во Унгарија.

Орбан протестира

Минатата недела во медиумскиот холдинг МТВА беше именуван привремен директор.

Во вторникот беше именуван и привремен раководен тим за информативниот канал М1.

Во соопштението на МТВА се наведува дека постојаните раководни функции ќе бидат пополнети преку јавна постапка, во консултација со граѓански и професионални организации.

Многу независни новинари ги поздравуваат промените во унгарскиот медиумски пејзаж, но бараат вистинско учество во процесот.

Нивниот став кон плановите на новата влада може да се сведе на: „Почекај, па ќе видиме“.

Мартон Гергељи, главен уредник на неделникот „ХВГ“, неодамна на панел-дискусија во Будимпешта рече:

„Како со години да преживувавме на длабочина од сто метри под вода, а сега одеднаш излегуваме на површината.“

Во вторникот и Виктор Орбан се огласи на Фејсбук, протестирајќи против преструктурирањето на јавните медиуми.

Тој го опиша како „уште еден произволен потег на партијата Тиса“.

Протест упати и пратеникот на Фидес, Балаж Немет.

Токму тој, како поранешен водител на вестите „Хирадо“, беше одговорен за многу од најозлогласените испади во известувањето на каналот.

Откако екранот на М1 во вторникот се затемни, Немет на Фејсбук напиша:

„Унгарската демократија е мртва.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ