Како што наведува МЕРМС, уредбата е донесена во согласност со член 257 став (1) од новиот Закон за енергетиката на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, и претставува значаен чекор во модернизацијата на регулативата во оваа област. Со неа детално се уредуваат видовите и карактеристиките на течни горива што може да се пласираат на пазарот, начинот на утврдување на квалитетот, постапката за следење на квалитетот, како и обврските на сите учесници на пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт. Особено значајно е што новата регулатива воспоставува еднакви правила за сите учесници на пазарот, со што се намалува просторот за злоупотреби и нелојална конкуренција. На тој начин компаниите што работат во согласност со законските прописи добиваат пофер и попредвидливо деловно окружување.
„Со новата уредба се воспоставуваат јасни и современи правила за тоа какви течни горива може да се пласираат на домашниот пазар, како се утврдува нивниот квалитет и како ќе се следи неговото почитување. За граѓаните, ова значи поголема сигурност дека горивата што ги користат ќе ги исполнуваат пропишаните стандарди за квалитет, а преку јасно утврдени правила и механизми за контрола дополнително се зајакнува заштитата на потрошувачите“, истакнува МЕРМС и додава дека примената на повисоки стандарди за квалитет на течните горива ќе придонесе и за намалување на штетните емисии во животната средина, што претставува важен чекор кон почиста животна средина и поодржлив енергетски сектор.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска вели дека донесувањето на новата уредба претставува уште една значајна реформа со која Министерството воведува современи правила и воспоставува повисоки стандарди во секторот.
„По речиси 19 години, ја заменуваме застарената регулатива со нова уредба, која носи јасни правила и стандарди. Нашата цел е граѓаните да имаат поголема сигурност во квалитетот на горивата што ги користат, компаниите што работат законски да бидат заштитени од нелојална конкуренција, а пазарот да функционира по јасни и еднакви правила. Ова е воспоставување ред – така ги штитиме граѓаните, го штитиме чесното стопанство и градиме модерен и доверлив енергетски сектор“, изјави министерката Божиновска.
Со донесувањето на новата уредба, Министерството продолжува со имплементацијата на новиот Закон за енергетиката и постепената замена на застарената регулатива со современи прописи, кои обезбедуваат повисоко ниво на заштита на јавниот интерес, поголема правна сигурност и поуреден, поконкурентен и потранспарентен пазар на течни горива.





