Книжевникот Салман Ружди предупреди дека слободата на говорот низ целиот свет повторно е под „сериозен напад“.
На британско-американскиот автор со индиско потекло во Лондон му беше врачена наградата „Либератум културна чест“, на свеченост одржана под мотото „Слобода на изразувањето“.
„Живеам во Америка и никогаш не мислев дека токму таму, во земјата на Првиот амандман, властите толку сериозно ќе ја нападнат слободата на говорот“, изјави Ружди во разговор за Ројтерс, непосредно пред свеченоста.
„Нападите врз новинари, комичари, писатели, уметници и интелектуалци поради изразување поинакви ставови покажуваат што навистина мислат властите за слободата на говорот“, рече тој.
Додаде дека се води голема битка, но дека постои и силен отпор.
„На пример, многу книги се забрануваат во книжарниците, но против тие забрани се водат многубројни судски постапки. Во многу случаи тие завршуваат успешно“, рече тој.
Ружди (79) предупреди дека светот минува низ тежок период.
„Мојата земја на потекло е Индија и таму слободата на изразувањето исто така е под сериозен удар. Време е да се подготвиме за битка за која мислев дека веќе сме ја добиле. Се покажа дека не сме. Само накратко ја добивме.“
Ружди се соочува со смртни закани уште од објавувањето на романот „Сатански стихови“ во 1988 година. Книгата беше забранета во многу држави, а тогашниот ирански врховен лидер Рухолах Хомеини ја прогласи за богохулна и издаде фатва со која повика на убиство на Ружди.
Писателот во 2022 година, за време на јавен настап во Њујорк, беше повеќепати избоден со нож. Во нападот го загуби видот на едното око, а трајно му беше оштетена и едната рака.
„Среќен сум што сум добро. Поминаа речиси четири години од нападот и закрепнав колку што беше можно. Тоа воопшто не е лошо“, рече Ружди, додавајќи дека закрепнувањето не го забавило.
„Во последните три години објавив дури три книги, така што сè оди добро. Во моментов работам на нова книга, но сè уште е во рана фаза и е прерано да зборувам за неа.“
Добитник на Букеровата награда, Ружди досега има објавено вкупно 23 книги. Тој е четиринаесетти добитник на наградата „Либератум културна чест“, која се доделува за уметнички достигнувања и придонес кон меѓукултурното разбирање. Меѓу претходните добитници се Заха Хадид и Френсис Форд Копола.
Како голем љубител на фудбалот, Ружди рече дека со голем интерес го следи Светското првенство.
„На првенството играат неколку многу добри репрезентации, а една од нив е Англија. Дуелот меѓу Хари Кејн и Ерлинг Халанд ќе биде вистинско уживање за гледање“, рече тој, осврнувајќи се на четвртфиналниот натпревар меѓу Норвешка и Англија.





