четврток, 16 април 2026

Њујорк бира нов градоначалник, според анкетите предводи поранешен полицаец

Објавено на

часот

Сподели

Регистрираните демократи ќе бираат од разновидна група на 13 кандидати за работното место кое често се опишува како „второ најтешко“ во САД, по функцијата претседател.

Гласачите излегуваат на гласање додека ковид-19 продолжува да го засенува градот кој беше епицентар на почетокок на пандемијата во САД. Во Њујорк животот го загубија 33.000 луѓе.

Градот сепак се враќа во нормала – скоро сите рестриктивни мерки воведени поради коронавирусот се укинати, а 66 проценти од возрасната популација прими барем една доза на вакцина.

Њујорк е упориште на демократи, па затоа е скоро сигурно дека победникот на предизборите на партијата ќе биде новиот градоначалник.

Но, победникот нема да биде познат неколку недели поради новиот систем на гласање што ги отежна и предвидувањата.

Новиот изборен систем бара од гласачите да рангираат пет кандидати според своите преференции.

Ако некој кандидат не собере 50 проценти од гласовите, што е веројатно сценарио, кандидатот кој ќе добие најмала поддршка се елиминира, а потоа неговите гласови се префрлаат на оној што бил втор избор. Ова се повторува сè додека кандидатот не добие повеќе од 50 проценти од гласовите, па победникот може да се знае дури до средината на јули.

„Многу работи се во прашање на овие избори“, рече политикологот од Универзитетот Колумбија, Линколн Мичел, наведувајќи го закрепнувањето по пандемијата и климатските промени.

Бројот на невработени, бездомниците, пукањата и убиствата значително се зголемени за време на пандемијата. Илјадници бизниси се затворени, десетици илјади побогати жители го напуштиле градот, а многу вработени сè уште работат од дома.

Пандемијата, протестите предизвикани од убиството на Џорџ Флојд во мај 2020 година и нападите врз Американците со азиско потекло, исто така, ја истакнаа расната нееднаквост во градот со 8,5 милиони жители.

Првиот нов градоначалник на Њујорк во осум години ќе треба да се справи со буџетскиот дефицит од неколку милијарди долари во следните години.

Новиот лидер ќе го преземе градот од крајно левичарскиот, непопуларниот Бил де Блазио, кој е на таа позиција од јануари 2014 година, пишува агенцијата Франс Прес.

Во анкетите во моментов води умерениот Ерик Адамс, црн поранешен полицаец и претседател на округот Бруклин. Тој како главна тема на својата кампања ја одреди борбата против криминалот.

Меѓу фаворитите е и умерениот Ендрју Јанг, демократски кандидат и на претседателските предизбори. Прва градоначалничка на Њујорк сака да стане умерената Катрин Гарсијам како и Маја Вајли, црна адвокатка, поддржана од прогресивната демократка Александрија Окасио-Кортез.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ