Според документите до кои дојде Ројтерс, Шеху и неговите соработници се осомничени за шверц на кокаин од Јужна Америка до европските пристаништа, а потоа инвестирање на парите од трговијата со дрога во недвижности користејќи фалсификувани документи за сопственост.
Обвинителството наведува дека постојат основи за сомневање дека земјиштето што подоцна било продадено за изградба на туристичкиот комплекс, исто така, било стекнато нелегално.
Шеху, преку својот адвокат Кујтим Цакрани, ги негираше сите обвиненија. Неговата одбрана тврди дека тој не бил вмешан во трговија со дрога или фалсификување документи за имотот, нарекувајќи ги тврдењата на обвинителството лажни.
Спорно земјиште продадено за 110 милиони евра
Во април, Шеху го продаде спорниот дел од албанскиот брег на „Албанија Ленд дивелопмент“, која е поврзана со инвеститори во проектот „Сазан риел естејт дивелопмент“, вклучувајќи ги и инвеститорите поврзани со Џаред Кушнер.
Вредноста на оваа трансакција се проценува на околу 110 милиони евра, додека вкупната вредност на проектот за луксузен туристички комплекс се проценува на околу четири милијарди долари.
Во документите на СПАК се наведува дека постојат „основани сомневања“ дека земјиштето е стекнато со помош на фалсификувана документација.
Сепак, истражителите не поднесоа никакви обвиненија против Џаред Кушнер, компанијата „Сазан риел естејт дивелопмент“, „Албанија ленд дивелопмент“, ниту против другите инвеститори вклучени во проектот.
Ројтерс објави дека нема индикации дека купувачите биле свесни за какви било незаконски дела поврзани со земјиштето.
Проектот предизвика протести
Изградбата на луксузното одморалиште веќе предизвика противење кај некои локални жители и еколошки организации, бидејќи е планирано да се гради на заштитен дел од јадранскиот брег на Албанија, познат по своите плажи, шуми и мочуришта.
Жителите на селото Звернец ги оспоруваат тврдењата на Шеху за сопственост на земјиштето повеќе од една деценија, а нивниот адвокат најави започнување нова судска постапка во обид да се спречи спроведувањето на проектот.
Истрагата против Шеху е дел од поширока операција на Специјалното обвинителство на Албанија за борба против корупцијата и организираниот криминал, насочена кон разбивање на мрежите за организиран криминал и перење пари, во чии рамки се издадени потерници за 20 лица.





