Казната ја отслужил во државниот затвор во околината на Сараево, а директорот на затворот Синиша Перковиќ потврди за босанските медиуми дека Босниќ е пуштен на слобода во утринските часови и дека сега со неговиот статус ќе се бават безбедносните агенции.
Босниќ важеше за неформален лидер на припадниците на вахабистичката заедница во БиХ, а како самопрогласен имам ги врбувал своите следбеници за придружување на терористичката организација Исламска држава.
Поттикнати од индоктринацијата од Босниќ, некои од нив заминале во Сирија и Ирак, каде војувале во редовите на терористичките организации.
Босниќ беше уапсен во септември 2014 во рамки на голема полициска акција наречена „Дамаск“, чија цел беше разбивање на мрежата која момчиња од БиХ регрутирала за ИСИС.
Заедно со Бисниќ беа уапсени уште 15 лица кои била поврзани со таа мрежа или војувале во Сирија и Ирак. Прогласен беше за виновен за поттикнување тероризам и осуден во 2015 година.
До апсењето живеел и дејствувал во Буџим во северозападна Босна, каде и сега му живее семејството.
Таму го формирал својот џемат, односно заедница на верници која дејствувала надвор од структурите на официјално признатата Исламска заедница во БиХ, чиј легитимитет одбивал да го признае.
Таквите неформални заедници на верници, параџемати, какви имало 70-тина, безбедносните агенции во БиХ ги оцениле како главен столб на радикалните исламисти и места за регрутирање потенцијални терористи.






