недела, 7 јуни 2026

Кина: Започнавме специјална поморска операција во близина на Тајван

Кина објави дека започнала „специјална поморска операција“ источно од Тајван, дополнително интензивирајќи го својот одговор на неодамнешниот договор меѓу Јапонија и Филипините. Двете земји планираат да започнат преговори за поморските граници во областа и дополнително да ги интегрираат своите одбранбени сили, јави Блумберг.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кинеското Министерство за транспорт организираше „специјална операција за спроведување на поморскиот сообраќај“ во саботата, објави официјалната новинска агенција Синхуа. Според истиот извештај, целта на овој потег е спроведувањето на кинеската „поморска административна надлежност“ и да се заштитат националните интереси.

Овој потег на официјален Пекинг претставува силна ескалација и директен одговор на најавата на Токио и Манила дека ќе седнат на маса за решавање на граничните спорови. Овие разговори се однесуваат на водите источно од Тајван, самоуправна демократија што Пекинг ја смета за своја територија. Споменатата област се преклопува и со ексклузивните економски зони на кои Кина претендира.

Разговорите меѓу Јапонија и Филипините „сериозно го прекршија територијалниот суверенитет и поморските права и интереси на Кина“, според извештајот на агенцијата Синхуа.

Поморските агенции од провинциите Фуџијан и Гуангдонг, како и силите од Источнокинеското Море, се придружија на операцијата за напад и контрола во саботата. На сето тоа му претходеше потег од 1 јуни, кога Кина веќе ги испрати своите бродови на крајбрежната стража на „патроли за спроведување на законот“ источно од Тајван за отворено да го покаже своето незадоволство. Министерството за одбрана на Тајван не одговори веднаш на барањето за коментар.

Најновите искри на релацијата Пекинг-Токио-Манила избувнаа по минатонеделниот состанок меѓу јапонската премиерка Санае Такаичи и филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот. Маркос по состанокот изјави дека двете земји делат цврста посветеност на зајакнување на поморската безбедност.

Двете нации веќе и претходно го предизвикаа гневот на Пекинг со своите отворени изјави за Тајван. Филипинскиот лидер минатиот месец изјави дека неговата земја веројатно ќе се вклучи во конфликт околу Тајван, поради близината на островот. Од друга страна, јапонската премиерка Такаичи во ноември изјави дека кинеската инвазија на Тајван може да биде легитимна причина Јапонија да ги испрати своите трупи на островот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ