Гутереш во интервју за агенцијата Асошиејтед прес кажа дека двете големи светски економии би требало да соработуваат во областа на климатските прашања, и поактивно да преговараат за трговијата и технологијата, и покрај постојаните политички несогласувања во областа на човековите права, економијата, онлајн безбедноста и суверенитетот во Јужното Кинеско Море.
„За жал, денес повторно имаме конфликт. Мораме повторно да воспоставиме функционален однос меѓу двете сили“, кажа Гутереш, нарекувајќи го тоа „неопходно за решавање на проблемите со вакцинацијата, проблемот со климатските промени и многу други глобални предизвици кои не можат да се решат без конструктивни односи во меѓународната заедница и велесилите“.
Пред две години Гутереш ги предупреди глобалните лидери на ризикот од кинење на светот на два дела, во кои САД и Кина ќе создадат ривалски интернети, валути и финансиски правила, како и „сопствени геополитички и воени стратегии“.
Тој тоа предупредување го повтори во интервјуто за АП, додавајќи дека двете ривалски геополитички и воени стратегии би претставувале „опасност“ која би го поделила светот.
Затоа, како што истакна, нивниот однос мора да се поправи и тоа многу брзо.
„Мораме по секоја цена да избегнеме студена војна која би била поинаква од претходната и веројатно поопасна и потешка за управување“, предупреди Гутереш.
Додаде и дека договорот меѓу САД и Британија за пружање помош на Австралија со подморници на нуклеарен погон „е само еден мал дел од посложената загатка на овој целосно нефункционален однос на Кина и Соединетите Држави“.






