вторник, 28 април 2026

Ратко Младиќ ќе го прегледуваат независни лекари

Судот во Хаг денес наложи независни медицински експерти да го прегледаат Ратко Младиќ поради барањето на неговата одбрана, од хуманитарни причини – поради неизлечива болест, привремено или условно да биде ослободен од издржување на доживотната казна на која беше осуден за воени злосторства во Босна и Херцеговина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поранешниот командант на војската на Република Српска, Младиќ (84), беше осуден од Хашкиот трибунал на доживотен затвор за геноцид и воени злосторства против муслиманите и Хрватите за време на војната во БиХ, од 1992 до 1995 година.

Претседателката на Хашкиот суд Грацијела Гати Сантана нареди Младиќ да го прегледаат независни специјалистички лекари и да се утврди неговата „моментална здравствена состојба, вклучувајќи дијагноза, прогноза и можности за лекување“.

Тие треба да ја утврдат и „мерата до која може да се предвиди животниот век (на Младиќ)“ и „соодветноста на неговата грижа во притворот на ОН или во затворската болница во согласност со важечките упатства на кои се согласил Младиќ“.

Независните специјалисти ќе треба да достават извештај за здравствената состојба на Младиќ до претседателката на судот до петок, 1 мај, по што таа ќе одлучи дали постојат оправдани хуманитарни причини тој да биде условно ослободен.

На 23 април адвокатите на одбраната на Младиќ поднесоа барање за привремено или условно ослободување од хуманитарни причини, бидејќи „тој е во состојба на неповратно и напредно влошување на здравјето, што е резултат на медицински инцидент“ од 17 април. Во медиумите се споменува дека тој во тие денови доживеал мозочен удар.

Адвокатите на одбраната Драган Иветиќ и Бранко Лукиќ го темелат своето барање за ослободување врз основа на наодите на двајца лекари кои на 22 април утврдиле дека Младиќ има „сериозна болест која не може соодветно да се лекува во притвор на ОН или во затворска болница“.

Во одлуката објавена денес, судијката Гати Сантана наведува дека здравствената состојба на Младиќ редовно ја оценуваат независни експерти од 2022 година и дека таа го добила нивниот последен извештај пред последниот „медицински инцидент“ кој Младиќ го преживеал овој месец.

Претседателката на Хашкиот суд потврди дека Младиќ „бил префрлен во ургентниот центар на цивилната болница на 17 април, од каде што бил отпуштен истиот ден во „стабилна состојба““.

Во извештајот за тоа, лекарите ја информирале судијката Гати Сантана за „чекорите што потоа ги презеле во третманот на „причината која потенцијално се лекува““.

Судијката Сантана веќе го отфрли истото барање на одбраната на Младиќ на крајот на јули минатата година.

Во таа одлука таа потврди дека, според лекарите, Младиќ е „при крајот на својот живот“, но изјави дека „прима сеопфатна и сочувствителна грижа“ во притворот во Хаг.

„Младиќ не страда од акутна терминална болест кој би оправдала негово ослободување“, заклучи Сантана во јули минатата година, повикувајќи се на извештаите на лекарите во тоа време дека здравствената состојба на Младиќ е „постабилна“, иако неговиот очекуван животен век не е долг.

На почетокот на јуни 2025 година одбраната на генерал Младиќ побара тој веднаш да биде ослободен од притвор во Шевенинген, повикувајќи се на проценките на лекарите во судски притвор дека Младиќ се ближи кон крајот на животот.

Адвокатот на одбраната Драган Иветиќ го темелеше ова барање на фактот дека „медицинската служба во притвор на ОН им кажала на Младиќ и на неговото семејство дека не може да се излечи“ и дека „неговиот животен век сега се мери во месеци“.

Како што нагласи одбраната во барањето, лекарите се префрлиле од третман на „палијативна нега“ за Младиќ и го информирале него и неговото семејство за ова.

Младиќ беше осуден на доживотен затвор пред Хашкиот трибунал за геноцидот во Сребреница и злосторства против човештвото врз муслиманите и Хрватите во БиХ, вклучително и тероризирање на цивилите во Сараево, 1992-95 година.

Трибуналот прво го обвини Младиќ на 25 јули 1995 година, а тој беше во бегство до неговото апсење во 2011 година, за време на кое, како што подоцна утврдија лекарите во Хаг, преживеал три мозочни удари.

Српските власти го уапсија на 26 мај 2011 година во Лазарево во близина на Зрењанин, а на 31 мај истата година беше префрлен во Хаг и предаден на Трибуналот, каде што оттогаш е притворен во Хаг.

Судењето пред Трибуналот траеше од 16 мај 2012 година до 15 декември 2016 година. Првостепената пресуда му беше изречена на Младиќ на 22 ноември 2017 година, а конечната пресуда на 8 јуни 2021 година.

Со тие пресуди, Младиќ беше прогласен за виновен за геноцид во Сребреница, прогон на муслимани и Хрвати низ БиХ, тероризирање на населението на Сараево со гранатирање и снајперски оган и земање припадници на Унпрофор како заложници, 1992-95 година.

Младиќ беше осуден по 10 точки од обвинението за геноцид во Сребреница и злосторства против човештвото во 15 босански општини, што вклучува: прогон, истребување, убиство, депортација и присилно преселување.

Судот го прогласи Младиќ за виновен и по четири точки од обвинението за кршење на законите и обичаите на војувањето: убиство, терор, нелегални напади врз цивили и земање заложници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ