Канцеларијата на воениот лидер Асими Гоита објави фотографии на кои се гледа неговата средба со руската делегација предводена од амбасадорот Игор Громик во она што се чини дека е претседателската палата во главниот град Бамако.
Во меѓувреме, амбасадата на САД во Мали издаде безбедносно предупредување, наведувајќи „можни терористички движења во Бамако“.
Хунтата, која е на власт од државниот удар во 2020 година, се соочи со голем напад во саботата откако милитанти поврзани со Ал каеда и сепаратистичката група Фронт за ослободување на Азавад почнаа координирани напади врз најмалку четири градови во регионот кој се смета за едно од глобалните жаришта за смртни случаи поврзани со тероризам.
Речиси истовремени напади го погодија меѓународниот аеродром во Бамако, блискиот град Кати и неколку градови на северот и во центарот на земјата, вклучувајќи ги Кидал и Севаре.
Сепаратистичката група Фронт за ослободување на Азавад објави дека нејзините борци на крајот го освоиле Кидал, откако малиските и руските сили се повлекле оттаму. Малискиот министер за одбрана, генерал Садио Камара, исто така беше убиен во нападите.
Три дена подоцна, сè уште не е јасно кој ги контролира областите кои беа нападнати или колкав е бројот на жртвите. Во Бамако има тензии, а некои жители изразија загриженост за сопствената безбедност.
Руското Министерство за одбрана објави дека руските сили, таканаречениот Африкански корпус, кој ја поддржува хунтата во Мали, заедно со малиските безбедносни сили, спречиле државен удар. Во соопштението за медиумите на министерството се наведува дека околу 12.000 напаѓачи учествувале во офанзивата користејќи софистицирано оружје.
Русите тврдат дека повлекувањето од Кидал било одлука на владата на Мали и дека трупите стационирани во тој северен град „се бореле повеќе од 24 часа целосно опколени против значително супериорни непријателски сили и одбиле четири големи напади врз нивното главно упориште и надворешни одбранбени позиции“.






