вторник, 2 јуни 2026

Гугл бара дозвола за ослободување на милиони комарци во Калифорнија и Флорида

Гугл сака да ја примени стратегијата со „добри инсекти против лоши“ во борбата против комарците, но овој пат не станува збор за програмирање. Технолошкиот гигант побара од американската влада дозвола за ослободување на до 32 милиони стерилизирани комарци во Калифорнија и Флорида.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Целта е да се намали популацијата на инсектите што пренесуваат сериозни болести, а кои се одговорни за повеќе човечки смртни случаи секоја година од кое било друго животно во светот. Преку својата успешна програма Дебаг, Гугл ја користи својата технолошка експертиза за одгледување стерилни машки комарци кои треба да го спречат ширењето на болести како што се денга треска, вирусот Западен Нил, зика, чикунгуња и маларија, јави Гардијан.

Според известувањето од федералниот регистар, Агенцијата за заштита на животната средина на САД (ЕПА) го разгледува барањето на Гугл за ослободување на до 16 милиони комарци годишно во Флорида и Калифорнија во период од две години. Одлуката за издавање лиценца за експериментална употреба ќе биде донесена по завршувањето на јавната расправа, која трае до 5 јуни.

Пристапот што го тестира Гугл вклучува размножување на машки комарци инфицирани со природно присутната бактерија вулбашија. Оваа бактерија ги прави стерилни при парење со диви женки. Кога заразен мажјак се обидува да се пари со дива женка, нејзините јајца нема да се изведат.

„Популацијата се намалува со секоја генерација“, објасни Гугл во блог пост. Важно е да се напомене дека машките комарци не касаат и не пренесуваат болести.

Иако навлегувањето на технолошкиот гигант во лабораториите за одгледување комарци може да изгледа необично, матичната компанија на Гугл, Алфабет, е вклучена во научни проекти. Програмата Дебаг со години ја води Верили хелт, компанија специјализирана за здравствена заштита и вештачка интелигенција, која започна како иновативен проект во рамките на Гугл Икс.

Од декември 2024 година, Гугл целосно го презеде проектот Дебаг од портфолиото на Верили, потврди Верили. Во блог пост од 2016 година се вели дека програмата започнала да истражува технолошки решенија за борба против смртоносната популација на комарци околу една деценија претходно.

Гугл забележува дека другите методи за контрола на комарците не ги дале посакуваните резултати. Прскањето со пестициди може да биде токсично и со текот на времето да стане помалку ефикасно. Покрај тоа, тешко е да се пронајдат и исушат сите водни површини што служат како места за размножување на комарците.

Пристапот на Гугл, познат како техника на стерилни инсекти, не е нов. Експертите го користат за контрола на разни штетни инсекти со децении. Ерик Карагата, доцент на Универзитетот во Флорида, изјави за Ју-ес-еј тудеј дека бактериите вулбашија се користат за стерилизација веќе петнаесетина години.

Напорите на Гугл во моментов се фокусирани на видот Аедес аиџипти, одговорен за ширењето на повеќето случаи на денга треска, зика, жолта треска и чикунгуња. Инженерите и научниците користат анализа на податоци, сензори и вештачка интелигенција за да изградат автоматизирани системи за размножување, прецизно одвојувајќи ги мажјаците од женките и ослободувајќи ги „на вистинското место и во вистинскиот број“.

„Проектот веќе постигна значителен успех во Сингапур, каде што ослободувањето на милиони мажјаци заразени со волбашија доведе до намалување од 80 до 90 проценти на популацијата на комарци Аедес аиџипти.

Според Националната агенција за животна средина на Сингапур, случаите на денга треска се намалија за повеќе од 70 проценти во рок од 6 до 12 месеци од ослободувањето на комарците. Затоа Гугл објави во мај дека ќе ги прошири своите капацитет во Сингапур.

„Кога го започнавме проектот Дебаг во Сингапур, нашата цел беше да користиме технологија за да го унапредиме производството и ослободувањето на комарци и да го прошириме во други заедници во Азија, каде што се пријавуваат 70 проценти од глобалните случаи на денга треска“, рече Линус Апсон, раководител на проектот Дебаг. „Успехот што го постигнавме во Сингапур ни дава доверба за понатамошно проширување.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ