„Размислуваме, меѓу другото, за периодот што ќе следи по воспоставувањето примирје и сакаме, како и другите големи западни земји, да го зачуваме економскиот мост кон Русија и да заштитиме повеќе од 100 милијарди евра германски средства во Русија“, објасни Шеп.
Економскиот форум се одржува во Санкт Петербург од 3 до 6 јуни, а како и во претходните години, домаќин ќе биде рускиот претседател Владимир Путин.
Американски и француски претставници се вратија во Санкт Петербург минатата година и учествуваа во бизнис дијалогот, и покрај санкциите.
„Долгорочно, Западот не треба да ѝ ја препушти Русија, нејзиниот голем пазар и нејзините суровини, на Азија“, рече Шеп, истакнувајќи дека во првиот квартал од оваа година, само Кинезите основале 1.400 нови компании во Русија.
Според програмата на Санктпетербуршкиот меѓународен економски форум (СПИЕФ), меѓу германските учесници во бизнис дијалогот се Стефан Дир, производител на млечни производи кој работи во Русија со групацијата Еко Нива, и Томас Брух, долгогодишен извршен директор на Глобус холдинг.
Синџирот Глобус работи во Русија заедно со околу 1.600 други германски компании и минатата година, според комората, регистрирал промет од околу 20 милијарди евра.
Обемот на германско-руската трговија падна под 10 милијарди евра минатата година поради западните санкции. Пред руските трупи да влезат во Украина кон крајот на февруари 2022 година, Германија беше најголемиот европски трговски партнер на Русија, со обем на трговија од 59,7 милијарди евра во 2021 година и 80 милијарди евра на својот врв во 2012 година.
Новото истражување за деловната клима спроведено од Германско-руската стопанска комора меѓу нејзините 750 членови покажа дека речиси сите компании планираат да останат во Русија, бидејќи го сметаат нејзиниот пазар за важен.
Вкупно 75 проценти од 265 испитаници изразиле задоволство од развојот на нивниот бизнис во Русија, и покрај големите загуби што ги претрпуваат од санкциите.
Две третини од нив се убедени дека казнените мерки на Западот значително влијаат врз руската економија, покажа анкетата. Сепак, нешто повеќе од една третина од компаниите веруваат дека санкциите ѝ нанесуваат поголема штета на Германија отколку на Русија, а повеќе од половина веруваат дека тие им штетат подеднакво и на Германија и на Русија.
Околу две третини од испитаниците рекле дека Германија треба што поскоро повторно да почне да увезува нафта и гас од Русија, а 31 процент го поддржуваат тој потег, но „само откако ќе завршат борбите во Украина“.






