понеделник, 18 мај 2026

Шпански политичари го осудија израелското пресретнување на хуманитарните бродови за Газа

Шпански пратеници денеска го осудија неодамнешното израелско пресретнување на хуманитарната флотила Глобал Сумуд, која пловеше кон Газа во меѓународни води.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Израел ја напаѓа и ја киднапира флотилата Глобал Сумуд среде Средоземно Море. И тоа го прави со целосна неказнивост, додека Европа и натаму соучествува со извршителите на геноцидот“, напиша на Икс лидерската на Подемос, Ионе Белара.

Белара ги повика граѓаните попладнево да се соберат во Мадрид за да ја осудат новата интервенција.

„Израел повторно пресретнува бродови со хуманитарна помош за Газа среде Средоземно Море, а никој ништо не презема. Владите и Европската комисија се одговорни за сè што прават извршителите на геноцидот“, напиша и пратеничката на Подемос во Европскиот парламент Ирене Монтеро на Икс.

Израелската војска денеска ја пресретна хуманитарната флотила Глобал Сумуд, која пловеше кон Газа во меѓународни води, и приведе околу 100 активисти додека мисијата се обидуваше да ја пробие израелската блокада на палестинската енклава.

Флотилата, составена од повеќе од 50 брода, исплови во четвртокот од Мармарис во нов обид за пробивање на израелската блокада на Газа, која трае од 2007 година.

Организаторите соопштија дека во мисијата учествувале 426 луѓе, меѓу кои 96 турски активисти и учесници од уште 39 земји, вклучително Германија, САД, Аргентина, Австралија, Бахреин, Бразил, Алжир, Индонезија, Мароко, Франција, Јужноафриканската Република, Обединетото Кралство, Ирска, Шпанија, Италија, Канада, Египет, Пакистан, Тунис, Оман и Нов Зеланд.

Израелските сили на 29 април исто така пресретнаа флотила со помош кај брегот на грчкиот остров Крит и ги депортираа активистите што беа на бродот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ