Генералниот директор на Турската воздухопловна и вселенска индустрија (ТУСАС) Темел Котил им кажа на новинарите дека на 18 март 2023 година ќе полетаат турскиот суперсоничен авион „хурјет“ и турскиот борбен хеликоптер АТАК-2, а дека од хангарот ќе излезе и националниот борбен авион на Турција.
Тој истакна дека продолжуваат активностите во врска со производството на борбениот турски авион.
„Хурјет и АТАК-2 ќе полетаат на 18 март 2023 година, а од хангарот ќе излезе и националниот борбен авион“, кажа Котил.
Истакнувајќи дека Турција во моментов спроведува повеќе проекти од воздухопловната индустрија, вклучувајќи го и производството на суперсоничното беспилотно летало „гоксунгур“, Котил кажа дека во моментов се најфокусирани на „хурјет“, „АТАК-2 и националниот борбен авион, пренесува ТРТ.
Тој особено го истакна како важен и успешен проектот Хурјет бидејќи на Турција ѝ донел голем број експерти, а станува збор за проект на суперсоничен едномоторен авион, двосед за обука и лесни борбени дејства.
Истакнувајќи дека неодамнешните пожари ја покажале мултифункционалноста и корисноста на беспилотните летала, Котил кажа дека тие летала имаат камери кои се активни и дење и ноќе и се добри за навремено откривање на пожарите.
Котил наведе дека компанијата ТУСАС станала еден од технолошките центри на Турција и сè поистакната марка во светот. Додаде дека целта е во таа компанија да работат 10.000 инженери.






