понеделник, 27 април 2026

Бразилски научници: Отровот на една од најотровните змии делува на короната

Објавено на

часот

Сподели

Студијата објавена во научното списание Молекули откри дека молекулата произведена од жараракусу, една од најотровните змии во Јужна Америка, за 75 проценти ја намалува способноста на вирусот да се размножува во клетките кај мајмуните.

„Успеавме да покажеме дека оваа компонента на змискиот отров може да инхибира многу важен протеин од вирусот“, рече Рафаел Гвидо, професор на Универзитетот во Сао Паоло и автор на студијата.

Молекулата е пептид или синџир на амино киселини што може да се поврзе со ензимот на коронавирус ПЛПро, што е клучен за неговата репродукција. Притоа не се нанесува штета на другите клетки.

Веќе познат по своите антибактериски својства, пептидот може да се синтетизира во лабораторија, рече Гвидо во интервју, така што нема потреба да се фаќаат змии или да се размножуваат.

„Претпазливи сме поради луѓето кои би можеле да одат во лов на жараракусу низ Бразил, мислејќи дека ќе го спасат светот (…) Тоа не е тоа!“ рече Џузепе Пуорто, херпетолог кој ја води биолошката колекција на Институтот Бутантан во Сао Паоло.

„Отровот сам по себе нема да го излечи коронавирусот“, рече Пуорто.

Во следниот чекор, научниците ќе ја проценат ефикасноста на различни дози молекула и ќе откријат дали воопшто е во состојба да спречи вирусот да влезе во клетките, соопшти Државниот универзитет во Сао Паоло (Унесп), кој беше вклучен во истражувањето.

Тие се надеваат дека ќе ја тестираат супстанцијата во човечки клетки, но не наведоа временска рамка.

Жараракусу е една од најголемите змии во Бразил, долга и до два метри. Живее во крајбрежната Атлантска шума, а може да се најде и во Боливија, Парагвај и Аргентина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ