среда, 27 мај 2026

Германски град воведе размена на станови, за семејствата поголемите, за постарите помалите

Во Мајнц, главниот град на сојузната германска покраина Рајнска област-Фалц, постои правило: откако ќе најдете стан, го задржувате по секоја цена, дури и кога повеќе не ви одговара.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во град со малку повеќе од 220.000 жители се селат сè помалку луѓе, а пазарот за изнајмување е речиси сопрен. Комуналното станбено претпријатие Вонбау Мајнц, кое управува со околу 11.000 станови, бележи само 45 до 55 откажувања на договори месечно, а промената на станарите паднала под шест проценти. Бидејќи, како и на други места, се градат премалку нови станови, шансите за наоѓање дом се влошуваат, пишува Дојче веле.

За да ја поттикне мобилноста,„Вонбау Мајнц ја почна програмата „Иднина дома 55+“. Идејата е постарите станари, на кои повеќе не им е потребен голем простор бидејќи нивните деца се преселиле, да ги разменат своите станови со млади семејства. Клучниот поттик е финансиски. „Ние сме една од ретките станбени компании во Германија која им гарантира на станарите дека со преселбата во помал стан, ќе задржат поволна цена за изнајмување по квадратен метар, а дополнително плаќаме бонус за преселба од 1.500 евра“, објаснува директорот Роман Бекер. На пример, стан со четири соби од 85 квадратни метри со закупнина од 850 евра може да се замени за стан со две и пол соби од 65 квадратни метри, каде што новата закупнина би била 650 евра. Ова носи годишна заштеда од 2.400 евра, а помалата квадратура значи пониски трошоци за греење и електрична енергија.

Со овој концепт, претходниот модел, „Програма за размена на станови за стари лица“, кој не постигна значаен успех во своите пет години постоење, е подобрен. Главниот проблем бил што цената по квадратен метар на нов, помал стан честопати била значително повисока, па преселбата не била финансиски исплатлива. Со одржување на поволната цена за изнајмување, заштедите сега можат да достигнат неколку илјади евра годишно. Покрај тоа, новиот стан се испорачува реновиран и со минимални архитектонски бариери, а станарите не плаќаат двојни кирии за време на преселбата, ниту пак имаат вообичаен отказен рок.

Се проценува дека околу 2.700 постари станари би можеле да се преселат во помал простор, додека во исто време околу илјада семејства безуспешно бараат поголеми станови. Засега, проектот е планиран за 24 месеци со цел да се заменат 100 станови. „Го правиме ова затоа што, како комунална компанија, имаме и социјална мисија“, додава Бекер, нагласувајќи дека компанијата нема никаква финансиска добивка од тоа.

Рајнер Браун, претседател на Управниот одбор на приватниот институт Емпирика од Берлин, го проучил моделот на Мајнц внимателно. Тој верува дека проблемот во сите атрактивни големи градови е што постојните кирии, поради регулирањето на цените, се далеку под пазарната вредност. Затоа луѓето се држат до старите договори. „Постојните договори станаа еден вид хартии од вредност чија вредност сигурно ќе се зголеми“, верува Браун.

Тој вели дека не само постари лица престојуваат во стари станови, туку и луѓе кои привремено одат на работа во друг град. „Тие не го откажуваат станот затоа што можеби ќе се вратат по пробната сезона, а потоа повеќе нема да најдат ништо прифатливо“, вели Браун. Тој спомнува и друга група која придонесува за недостигот: „Ова се луѓе над 40 години, често разведени, претежно урбани интелектуалци, кои се во врска, но живеат одделно“. Ваквите домаќинства можат да си дозволат два стана не само поради високите приходи, туку првенствено поради ниските кирии според старите договори. И двајцата знаат дека во случај на раскинување, нема да можат да најдат сличен стан.

Затоа Браун не го гледа моделот од Мајнц како решение за иднината. „За учесниците во размената, се разбира, тоа се исплати. Но, моделот се бори само против симптомите, а не против причината за проблемот“, истакнува тој. Покрај тоа, тој предупредува дека масовната примена на таква идеја би можела да го одземе капиталот потребен за нова изградба и рехабилитација на постојните згради. „Високите кирии во новите договори имаат две причини: високи трошоци и недостиг. Државата и општините се заеднички одговорни за обете, бидејќи тие ги поставуваат правилата за градба и постојано ги заоструваат“, заклучува експертот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ