Јарболот пет минути беше празен за да се симболизира преносот на власта за до 19:45 веќе да се развее руската тробојка. Советскиот Сојуз официјално се распадна следниот ден.
Вака на тие декемвриски денови пред триесет години се сеќава Андреј Колесников во својата колумна за Си-ен-ен. Вели дека имал 26 години кога империјата во која е роден престанала да постои и признава дека не чувствувал ништо кога јарболот пред Кремљ останал празен.
„За мене Советскиот Сојуз стана нешто од минатото по обидот за државен удар во август 1991. Горбачов ги влечеше уздите, верувајќи дека управува со земјата, но уздите се скинаа. Министрите и регионалните лидери едни на други си испраќаа алармантни писма – резервите на храна се топеа и на земјата ѝ се закануваше глад. Русија формира влада на реформатори“, пишува Колесникот кој бил многу ентузијастичен во врска со промените и како новинар секојдневно известувал за тоа што правеле реформаторите. Неговиот постар брат во меѓувреме станал советник на главниот реформатор и подоцна руски премиер Јегор Гајдар.
Меѓутоа, во следните години, поради тешкотиите во процесот на транзиција, укажува Колесников во текстот, еланот на народот почна да слабее и, како што наведува, голем дел од населението открил дека „капитализмот не носи веднаш среќа“. Сепак, потсетува, луѓето во пролетта 1993 изгласаа да се продолжи со реформите.
Сепак, социолозите предводени од Јури Левада веќе во 1994 година, помалку од три години од распадот на СССР, забележаа промена на расположението на јавното мислење. Граѓаните почнале да зборуваат дека повеќе сакаат да работат за плата отколку да поседуваат свои компании и да ги поднесуваат ризиците што тоа ги носи. Како што минувало времето, значителен број Руси почнале да чувствуваат носталгија – во новогодишните телевизиски програми се пееја советски песни, а во рестораните беа популарни постмодерните менија како од времето на СССР, укажува Колесников.
Меѓутоа, никој сериозно не размислувал за враќање на старо. Тогаш на претседателската функција во 2000 година стапи Владимир Путин кој воведе нова верзија на советската химна која и денес е актуелна.
Претседателот не застана тука со „заживувањето на советските духови. Славен е неговиот коментар од говорот кој го одржа во 2005 година дека распадот на Советскиот Сојуз е „најголемата политичка катастрофа“ на 20 век. Во едно друго обраќање две години подоцна зборуваше за понижувањето на Русија од страна на Западот“, потсетува Колесников.
„Тоа звучеше како план за „Да ја направиме Русија повторно голема““, оценува колумнистот.
Како што додава, домашната јавност во тоа време не го сфаќала премногу сериозно – просечниот граѓанин тогаш не размислувал за политика, уживајќи во обновениот економски раст и економските приходи од нафтата во 2000-те.
На Путин популарноста постепено му опадна и модернизацијата на Русија се чинеше неизбежна, иако, укажува колумнистот, по кратката војна со Грузија во 2008 година привремено му се поправи рејтингот. Кога во 2012 се соочи со протестите без преседан, почна вртењето кон ултраконзервативната политика, а еден од главните елементи на неговата пропаганда беше глорификацијата на руската „победничка советска историја“.
Руската анексија на Крим во 2014 година беше претставена како чин на „обнова на империјата“. Путин играше на картата на оживување на гордоста меѓу Русите на тоа да бидат дел од голема сила, пишува Колесников, а како што резултатите од припојувањето на Крим бледнееја, рускиот претседател се сврте кон носталгијата кон ерата на СССР, па „ерата на Сталин, особено Големата патриотска војна, ја претстави како една од победите“.
Оваа година, во истражувањето чии резултати во септември ги објави независниот Левада центар, речиси половина од анкетираните (49 отсто) кажале дека го преферираат советскиот политички систем, што, како што се наведува, е рекорд. Во истражувањето учествувале 1.603 Руси од педесет региони на земјата.
Меѓу генерациите нема разлика во ставовите кон ерата на СССР, покажуваат резултатите на истражувањето на Московскиот центар Карнеги и Левада центарот. Постарите се носталгични кон ерата на Советскиот Сојуз, укажува Колесников, а помладите создале слика на СССР како земја од бајките, „ретроутопија“ каде сите се еднакви, слободни и каде важат правилата на „строга но татковска фигура“. Луѓето сонуваат за поправедно општество, а Русите немаат други модели освен СССР.






