Службите реагираа навремено, а училиштето е веќе целосно средено и исчистено. Направена е проверка на сите простории и констатирано е дека нема никаква опасност за учениците и вработените. Сакаме јасно да потенцираме дека наставниот процес продолжува непречено во понеделник и се одвива според предвидениот распоред-вели Радев.
Тој истакна дека безбедноста и благосостојбата на учениците и вработените се и ќе останат нивен врвен приоритет, и во таа насока ќе продолжиме со дополнителни мерки за превенција и зајакнување на сигурноста.
Тој апелираше и до медиумите и до граѓаните да не шират непроверени информации, како и фотографии. Посочувајќи дека на социјалните мрежи беше објавена фотографија од тоалет во училиштето со испишани пораки. Радев вели дека таа фотографија е монтажа, од засега непознато лице.
Како што веќе објавивме наставата не започна за над 1.100 ученици од најголемото централно училиште во Штип, по вандалски чин. Уништени се смарт табли, табли, инвентар, компјутери.
Вандалот со спреј и остар предмет ги правел штетите низ училиштето, а на ѕидовите со спреј испишал и недолчични содржини. Радев тогаш изјави дека е направена голема материјална штета во кабинетите за предметна настава. Вандалот единствено не успеал да влезе во кабинетот по хемија, бидејќи бил заклучен. Радев вели дека според камерите инасталирани во училиштето вандалот влегол околу полноќ.






