„За само 60 дена од конфликтот, нашата сметка за увоз на фосилни горива се зголеми за повеќе од 27 милијарди евра, без ниту еден дополнителен молекул енергија“, изјави таа пред Европскиот парламент во Стразбур, пренесува порталот Политико.
Волстрит џурнал објави во вторникот дека американскиот претседател Доналд Трамп им наредил на помошниците да се подготват за продолжена блокада на Иран, стратегија насочена на притисок врз економијата на Техеран со ограничување на превозот до и од неговите пристаништа.
Политико пишува дека таквиот пристап носи ризик од понатамошно нарушување на протокот на нафта и гас низ Ормускиот теснец, низ кој минува една четвртина од светската трговија со нафта, како и значителни количества нприроден гас и ѓубрива.
Фон дер Лаен го претстави конфликтот како дополнителен доказ дека Европската Унија треба да го забрза преминот од увезени фосилни горива и побрзо да ја електрифицира економијата.
„Патот напред е јасен. Мораме да ја намалиме нашата прекумерна зависност од увезените фосилни горива и да го зголемиме домашното, прифатливото и чисто производство на енергија. Од обновливи извори до нуклеарна енергија, со целосно почитување на технолошката неутралност“, кажа таа.
Фон дер Лаен објави дека Комисијата ќе презентира Акциски план за електрификација до летото, вклучувајќи „амбициозна“ цел на ниво на ЕУ. Нацрт-агендата на Комисијата во која имал увид Политико покажува дека планот сега се очекува на 10 јуни, заедно со поширока стратегија за зајакнување на енергетската безбедност.
Претседателката на Комисијата повторно повика на побрз напредок во работата на пакетот за електрична мрежа на ЕУ, кој во моментов се преговара меѓу законодавците и владите на земјите-членки, а кој има за цел да ја модернизира инфраструктурата за да се приспособи на повеќе енергија од обновливи извори и растечката побарувачка за електрична енергија.
Таа повика и на поблиска координација во врска со резервите на дизел и авионско гориво, ослободување на залихите на нафта и производството на рафинерии, мерки кои се дел од поширокиот одговор на Брисел на енергетската криза, што Комисијата го претстави минатата среда.






