Во декември 2020 година пет Руси – тројца дописници поврзани со сервисите на РСЕ на руски јазик, активист за човекови права и уметница на феминистички перформанс од Санкт Петербург – беа додадени на контроверзната листа на „странски агенти“, предизвикувајќи многумина да се прашуваат зошто тие се издвоени. Списокот од тогаш е проширен и ги вклучува имињата на неколку истражувачки новинари што се занимаваат со корупција во земјата.
На 23 август руското Министерство за правда конечно ги разјасни критериумите што властите наводно ги користат за да утврдат дали некој медиум или поединец ја заслужуваат етикетата, што не води директно до кривични пријави, туку до енормно зголемени бирократски барања, а честопати и до егзодус на маркетиншките партнери. Се испостави дека критериумите го вклучуваат скоро секој вид контакт со странски субјекти.
Министерството за правда, кое официјално одлучува да се додаде или да се отстрани некој медиум од листата на „странски агенти“, добива сѐ повеќе повици да го објасни својот став во услови на засилен притисок од власта, која се чини дека ја ограничува работата на истражувачките новинари што покриваат корупција и наводно недолично однесување на владата.
Конечно тоа и го стори пред главно наклонета публика. Поводот беше тркалезна маса за законот за „странски агенти“, организирана од Советот за човекови права на Кремљ, попустливо советодавно тело што претрпе контроверзни промени во 2019 година, а сега го води поранешен телевизиски водител, кој во голема мера ја следи линијата на Кремљ.
Ева Меркачева, членка на советот, извести за состанокот во објава на Фејсбук, велејќи дека портпаролот на Министерството за правда Роман Чиганов се однесувал како да му е „непријатно“ додека го правдал рускиот напад врз новинарството пред јавни личности и активисти за човекови права.
Според Меркачева, Чиганов објаснил дека новинарите би можеле да се најдат на списокот доколку одат на новинарски турнеи финансирани од странска организација, ако добијат пари за да патуваат на меѓународна конференција или поради награда за известување, или ако добијат пари од роднини или пријатели во странство.
Покрај тоа, државата не мора да дава доказ дека новинар или медиумска куќа се занимава со „политички активности“ – што е еден од официјалните критериуми за прогласување „странски агент“ во Русија.
„Работите не се блескави. Секој новинар е потенцијален странски агент“, напиша Меркачева, сумирајќи го својот извештај за седницата.
Меркачева, поранешна новинарка што сега се фокусира на правата на затворениците, вети дека ќе инсистира на промена на законот, вклучително и систем за предупредување што однапред ќе ги предупредува новинарите за можни прекршувања и систем на парични казни што би му претходеле на официјалното вклучување на списокот на „странски агенти“. Сепак, предупреди таа, ваквите промени не може да се спроведат пред октомври.
„Монструозен“ закон
Ветувањето на Меркачева дека ќе се обиде да го прекрши законот веднаш го искритикуваа корисниците на Фејсбук, кои тврдеа дека самиот закон е погрешен.
„Целиот закон е монструозен. Треба да се укине“, напиша корисничка на Фејсбук реагирајќи на објавата на Меркачева. „А вие се обидувате да преговарате за тоа како најдобро да ги отсечете главите – наеднаш или на парчиња“.
За време на состанокот Чиганов објасни дека медиумска куќа или поединец можат да лобираат за отстранување од регистарот на „странски агенти“ апелирајќи до Министерството за правда и обезбедувајќи докази дека повеќе не добиваат странски средства. Сепак, ниту еден медиум или поединец „странски агент“ сѐ уште не успеал да ја докаже својата невиност.
„Повеќе од еден месец ги исполнувам бесмислените барања на законот за странски медиумски агенти“, напиша новинарката на РСЕ Јелизавета Мејетнаја во објава на Фејсбук на 24 август. „Не добивам одговори за тоа кои гревови ме квалификувале да бидам вклучена во оваа ценета листа.“ Во својот пост Меркачева заклучи дека пропишаниот законски пат за отстранување од листата на „странски агенти“ „едноставно не функционира“.
„Мораме да разговараме“
Рускиот закон за таканаречените „странски агенти“ беше усвоен во 2012 година и беше неколку пати менуван. Од невладините организации што примаат странска помош се бара владата да процени дека тие се вклучени во политички активности за да бидат регистрирани, да се идентификуваат како „странски агенти“ и да подлежат на ревизија. Последователните промени беа насочени кон медиумите финансирани од странство.
Во 2017 година руската влада на листата го стави рускиот сервис РСЕ, заедно со шест други информативни сервиси на РСЕ на руски јазик, како и Карент тајм, медиумски проект што го води РСЕ во соработка со Гласот на Америка.
Хјуман рајтс воч го опиша законот за странски агенти како „ограничувачки“ и рече дека има цел „да ги демонизира независните групи“.
Иако руската новинарска заедница беше во хаос поради законот за „странски агенти“, немаше многу протести на населението. На 24 август работната група за медиуми на Европскиот парламент издаде соопштение во кое остро ја осуди употребата на законот за „странски агенти“ на руската влада.
За време на викендот неколку новинари беа приведени поради протести против законот, а во почетокот на септември новинарскиот синдикат побара дозвола да протестира во центарот на Москва.
На еден од протестите, одржан на 23 август во Псков, присуствуваше Денис Камаљагин, главен и одговорен уредник на локален весник, кој беше меѓу првите пет лица во Русија што беа прогласени за медиумски „странски агенти“.
„Верувам дека секогаш треба да ги изразуваме нашите ставови и да не молчиме“, рече тој за рускиот сервис на РСЕ. „Нашата работа е да не молчиме.“






