Со ново изразување поддршка за Русија, Ким Џонг Ун разговараше за меѓународната политичка ситуација со рускиот министер за одбрана Андреј Белусов, кој заедно со остатокот од руската делегација беше присутен на церемонијата на завршување на изградбата на споменикот во чест на загинатите севернокорејски војници во борбите во рускиот регион Курск, каде што во 2024 година украинските сили извршија напад.
„Северна Кореја ќе продолжи целосно да ја поддржува политиката на Русија за одбрана на нејзиниот суверенитет, територијален интегритет и безбедносни интереси“, изјави Ким, пренесува КЦНА.
Претходно беше објавено дека Северна Кореја испратила речиси 15.000 војници да се борат заедно со руските сили во Курск, откако двете земји постигнаа договор за меѓусебна одбрана. Украинските и западните претставници тврдат дека повеќе од шест илјади севернокорејски војници загинале во борбите.
Освен со рускиот министер за одбрана, Ким Џонг Ун се сретна и со Вјачеслав Володин, претседателот на рускиот парламент и близок доверлив човек на рускиот претседател Владимир Путин, при што беше потврдена намерата на двете земји да ги продлабочат билатералните врски.
„Преку заеднички напори, Русија и Северна Кореја ќе продолжат да го зајакнуваат своето целосно стратешко партнерство“, објави државната телевизиска куќа како заклучок од овие состаноци.






